СУНАК: Ќе испорачаме големо количество артилериска муниција во Украина

Британскиот премиер Риши Сунак, денеска за време на состанокот со лидерите на Северна Европа, Балтикот и Холандија во Латвија, треба да најави испорака на големо количество артилериска муниција во Украина.

За време на состанокот во Рига ќе се разговара за тековните напори за спротивставување на Русија во нордиските и балтичките региони.

Во Латвија, Сунак ќе побара од другите лидери на земјите кои заедно со Обединетото Кралство учествуваат во Заедничките експедициски сили (ЏЕФ) да го задржат или надминат годинашново ниво на поддршка за Украина и во 2023 година, се наведува во соопштението објавено синоќа од Кабинетот на британскиот премиер.

Тој ќе објави дека Лондон ќе испорача „стотици илјади парчиња артилериска муниција следната година според договор вреден 250 милиони фунти (290 милиони евра) што ќе обезбеди постојан проток на основна муниција за артилерија во Украина во текот на 2023 година“, се вели во соопштението.

„Велика Британија го покажа патот обезбедувајќи одбранбена помош за Украина, вклучително и испраќање на повеќе ракетни фрлачи и, неодамна, 125 противвоздушни пушки“, соопшти Кабинетот на премиерот.

„Обезбедивме и повеќе од 100.000 парчиња муниција од февруари, кога Русија ја започна офанзивата против Украина“, се додава во соопштението.

„Велика Британија и нашите европски сојузници одговорија на синхронизиран начин на инвазијата на Украина, а ние остануваме цврсти во нашата амбиција да донесеме мир во Европа“, вели Сунак во соопштението.

„Но, за да постигнеме мир, ние мора да го одвратиме агресорот и нашето распоредување во регионот е од суштинско значење за да ја обезбедиме нашата способност да одговориме на најсериозните закани“, додаде тој.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе им се обрати на учесниците на состанокот на ЏЕФ, на кој учествуваат лидерите на Данска, Финска, Естонија, Исланд, Латвија, Литванија, Холандија, Шведска, Норвешка и Велика Британија.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.