Британските конзервативци се залагаат за воведување задолжителна воена служба

Британската Конзервативна партија ќе се залага за воведување задолжителен воен рок за 18-годишници доколку победи на националните избори на 4 јули, со опција за волонтерство во заедницата наместо воен рок, изјави денеска премиерот Риши Сунак.

Младите ќе можат да избираат дали сакаат да поминат еден викенд месечно волонтирајќи во текот на годината или да заземат една од 30.000 слободни позиции во вооружените сили една година, рече Сунак. Соопштението дојде откако лидерот на опозициските лабуристи Кир Стармер во саботата повика на намалување на возраста за гласање на 16 години.

Конзервативците на Сунак заостануваат многу зад Лабуристите во анкетите кои покажаа мали промени откако премиерот ненадејно свика избори минатата среда.

„Британија денес се соочува со иднина која е поопасна и поподелена. Нема сомнеж дека нашите демократски вредности се под закана. Затоа ќе воведеме храбар нов модел за 18-годишници“, рече Сунак.

Конзервативната партија рече дека планот ќе биде финансиран со построги контроли за избегнување данок и даночно затајување и со пренасочување на пари од Фондот за заеднички просперитет на Обединетото Кралство, што беше формиран за да се намали регионалната економска нееднаквост.

Лабуристичките политичари се потсмеваа на објавата, јавија британски медиуми.

Задолжителната воена служба во Обединетото Кралство беше укината во 1960 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: