БРОМЕЛАИН – ретката состојка на АНАНАСОТ со посебна улога

Како овошје кое исклучиво се увезува и можеби не е толку популарно на нашето подрачје, ананасот има навистина интересен вкус и изглед. Тој е освежителен, сладок и има специфичен нутритивен профил и е одличен избор за летните денови. Во денешната статија ќе ги погледнеме карактеристиките на ова тропско овошје и какви сè бенефити за нашето здравје истото може да ни даде.
Овошје кое под грубата надворешност е слатко, вкусно и има интересни нутритивни карактеристики
Ананасот (Ananas comosus) е тропско, повеќегодишно растение со јадлив плод. Може да порасне од 1 до 1,5 метри во височина. Тоа припаѓа на семејството растенија – бромелии и е можеби економски најисплатливото овошје за одгледување од тоа семејство. Може да се јаде како свежо овошје, но и да се зготви, конзервира, исцеди во сок и употреби во разни рецепти. Неговата употреба во последните години е проширена и во солените јадења, како пици, хамбургери и сл. Често се среќава на нашиот пазар како свеж, но и се продава во маркетите како конзервиран, исечен на парчиња. Името го добило по неговиот изглед, односно сличност со шишарката. Во 17 век, европските истражувачи го откриле ова овошје во Америка и му го дале тогашното име за шишарка – ананас. Исто така, Шпанците ова овошје го нарекле пиња, односно шишарка.
Нутритивен профил
Ананасот се смета дека потекнува од Јужна Америка. Како овошје што не може да расте на нашите простори, навистина има некои интересни карактеристики во поглед на нутритивноста.
Се смета за овошје со ниска калориска вредност, односно 100g ананас содржи:
50 калории
0,1g масти
13g јаглехидрати (од кои 1,4g влакна и 10g шеќери)
0,5g протеини
и низа на разни микронутриенти, како витаминот Ц (79% ПДВ), Б6, Б1 и минералите: манган (76% ПДВ), бакар, калиум, магнезиум и др.
Воочливо е дека ананасот првенствено е богат со витаминот Ц и минералот манган. Но, покрај овие микронутриенти, тој содржи и низа на останати соединенија кои даваат разни здравствени бенефити.
Зошто е здраво да се јаде ананас?
1 . Содржи низа на антиоксиданти


Ананасот особено содржи антиоксиданти познати како флавоноиди и фенолни киселини. Покрај тоа, тој е богат со витаминот Ц, кој исто така има улога на антиоксидант. Овој витамин, заедно со останатите антиоксиданти, го зајакнува имуниот систем и го заштитува телото од оксидативен стрес што го создаваат слободните радикали. Ваквите соединенија може да го заштитат телото од низа на заболувања, како што се кардиоваскуларните, дијабетот, Алцхајмеровата болест и сл. Исто така, антиоксидантите може да го намалат и ризикот од појава на одредени канцери.
2 . Допринесува за поздрави коски
Манганот кој се наоѓа во ананасот, може да го подобри здравјето на нашите коски. Овој минерал особено е застапен во ова овошје и истиот може да го намали ризикот од појава на остеопороза и целокупно да го подобри здравјето и густината на коскеното ткиво. Исто така, бромелаинот – ензим кој го содржи ананасот, поради својот анти-воспалителен ефект, може да ја подобри и олесни состојбата кај луѓето со артритис. Една студија го проучила и ефектот што овој ензим може да го има при третирањето на остеоартритисот. Студијата утврдила дека бромелаинот има потенцијал краткорочно да ги намали и олесни симптомите.
3 . Ја подобрува дигестијата
Ананасот содржи група на дигестивни ензими, познати како бромелаин. Tие претставуваат протеази, односно ензими кои ги разградуваат протеините, до нивните градбени блокови – помали пептиди и аминокиселини. По ваквата разградба на протеините, тие полесно се апсорбираат во нашето тело. Ова може особено да биде корисно за луѓе кои имаат проблеми со панкреасот, односно доколку тој не лачи доволно дигестивни ензими.
4 . Го подобрува имунитетот и ја намалува инфламацијата
Минералите, витамините и ензимите кои ги содржи ананасот може колективно да го подобрат имунитетот. Една студија која вклучувала деца како испитаници, покажала дека оние кои јаделе ананас (во овој случај конзервиран) имале значително помал ризик од појава на вирусни и бактериски инфекции. Покрај тоа, децата што консумирале поголеми количества на ананас, имале скоро 4 пати повеќе гранулоцити (грануларни бели крвни клетки) – клетки кои го штитат телото од инфекции и заболувања.
5 . Може да го намали времето потребно за заздравување по операција или повреда
Ваквото својство повторно се должи на анти-воспалителните својства кои ги има ензимот бромелаин. Бројни студии покажале дека овој ензим може да го намали воспалението, отокот, модринките и болката по операција. Исто така, студиите го поврзуваат бромелаинот и со намалени маркери за воспаление во телото.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.