Бугарските тур-оператори ги откажуваат екскурзиите во Македонија

Заради строгата забрана за увоз на месо бугарските тур-оператори масовно ги откажуваат еднодневните екскурзии до нашата земја. Не сакаат, велат, да си имаат проблеми со граничните власти кои ги зајакнале контролите пред велигденските празници.
Забраната за увоз на македонско месо во Бугарија не е ништо ново, но заради зголемената побарувачка контролите се интензивирани, пренесува бугарски „Монитор“. Според надлежните од граничниот премин Ѓуешево, последниве денови на неколку луѓе им биле одземени различни прехранбени производи како сирење, јајца и месо.
-Во нашата канцеларија постојано доаѓаат заинтересирани и прашуваат дали ќе организираме екскурзија до таму. Сакаат да го поврзат полезното и практичното, да купат некое кило јагнешко и јајца за велигденската трпеза. Но, ние категорично ги откажуваме турите зашто не сакаме да имаме проблеми со граничните власти, истакнува тур-оператор од Ќустендил.
До минатата година жителите на Ќустендил масовно пазареа поевтино јагнешко месо во Крива Паланка. Бугарски новинари утврдиле дека цената на јагнешкото месо во маркетите за Велигден достигнува 14 – 15 лева за килограм, но потрошувачите се сомневаат дали е свежо.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.