Вашингтон против класификацијата на АфД како екстремистичка

Американскиот државен секретар Марко Рубио ја осуди акцијата на германската канцеларија за заштита на уставниот поредок, која партијата Алтернатива за Германија (АфД) ја класифицира како екстремистичка десничарска организација. Тој посочува дека германските власти на тој начин им даваат на својата разузнавачка агенција нови овластувања за следење на опозицијата.

За најблиските соработници на американскиот претседател Доналд Трамп, од кои некои веќе отворено ја поддржаа Алтернативата за Германија и жестоко ги критикуваа демократските слободи во Европа, прогласувањето на АфД за десничарска екстремистичка организација е јасен удар за демократијата во Германија.

– Германија штотуку ѝ даде на својата шпионска агенција нови овластувања да ја надгледува опозицијата. Тоа не е демократија – тоа е маскирана тиранија. Она што навистина може да се нарече екстремистичко не е популарната АфД, која го зазеде второто место на неодамнешните избори, туку смртоносната имиграциска политика на отворени граници на естаблишментот на кој АфД се спротивставува – напиша Рубио на социјалната мрежа X.

Во критиките обично е жесток и американскиот потпретседател Џ.Д.Венс, кој се сретна со лидерот на АфД за време на неговата посета на Германија.

-АфД е најпопуларната партија во Германија и најрепрезентативната партија на Источна Германија. Сега бирократите се обидуваат да ја уништат. Западот со заеднички сили го урна Берлинскиот ѕид. Сега е повторно изграден, но тоа не го направија Советите или Русите, туку германскиот естаблишмент – објави Венс.

Германските власти ја бранат одлуката на Канцеларијата за заштита на уставниот поредок. Министерката за внатрешни работи Ненси Фезер посочува дека класификацијата е јасна и непристрасна и дека е донесена без политичко влијание, како резултат на преглед на неутрално тело, претставено на повеќе од 1000 страници.

– АфД јасно се бори против основниот слободен демократски поредок и се залага за етнички концепт на националност кој дискриминира цели групи на население. Граѓаните со мигрантско потекло се третираат како Германци од втор ред. Ова е во директна спротивност со гаранцијата на човечкото достоинство според член 1 од Основниот закон – рече таа.

За АфД нема сомнеж дека ова е политички прогон.

-Владата ја класифицира најголемата опозициска сила меѓу потврдените десничарски екстремисти, без да презентира никакви докази. Тие не можат политички да се борат против АфД, па ги користат овие средства – рече потпретседателот на партијата Тино Чрупала.

Пронајдете не на следниве мрежи: