Известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц , во изјава за телевизијата „Канал 5“ вели дека интервјуто од кое негови изјави беа пренесени неделава, дадено за бугарската редакција на „Еуроњуз“, е снимено пред повеќе од седум недели, како и дека не е јасно зошто тоа интервју е објавено дури сега.
Телевизијата интервјуто го објави во неделата, а македонските медиуми ги пренесоа оценките на Вајц дека земјава залудно потрошила една година и дека нема никаков напредок во спроведувањето на реформите потребни за членство во Европската унија.
Сега, Вајц вели дека тоа интервју го дал на почетокот на март, а оценките кои ги дал во него, тогаш ја одразувале моменталната состојба.
„Интервјуто е од пред повеќе од седум недели и ја покажува проценката за моментумот на почетокот на март“, вели тој.
Вајц додава и дека е изненаден што интервјуто за „Еуроњуз“ е објавено пред неколку дена.
„Мислам дека не е многу професионално, ни беше кажано поинаку. Без малку изненаден што е објавено пред неколку дена. Но, да за жал изгледа дека има некаква агенда зад тоа“, вели Вајц во интеврју за „Канал 5“, кое телевизијата најави дека целосно ќе го емитува утре.
Според него, „Северна Македонија бележи напредок во реформскиот процес и има дополнително време да ги исполни потребните обврски во рамки на реформската агенда до јуни“.



