Венецуела: Масовни грабежи по разорните земјотреси, расте бројот на жртвите

Само еден ден по двата разорни земјотреси што ја погодија Венецуела, во најтешко погодениот регион Ла Гуаира избувнаа масовни грабежи на уништени продавници и трговски објекти.

Според локалните медиуми, десетици луѓе насилно влегувале во оштетените објекти, од каде што изнесувале храна, лекови, но и апарати за домаќинство, меѓу кои телевизори, машини за перење и климатизери. Очевидци велат дека граѓаните се качувале по покривите на урнатите згради и се пробивале низ разрушените улици за да стигнат до продавниците.

Една од најпогодените продавници е синџирот „Фарматодо“ во карипскиот дел на Ла Гуаира. Новинарите кои влегле во објектот затекнале целосно испразнети полици, откако луѓето ги однеле речиси сите производи.

„Сè се случи одеднаш. Почнаа да го пробиваат ѕидот кај делот со грицки и сокови, а јас токму таму го полнев мобилниот телефон“, изјавил 18-годишниот жител Габриел Алдана.

За време на грабежите, низ погодените подрачја биле распоредени припадници на интервентните полициски единици кои патролирале на патот меѓу Ла Гуаира и главниот град Каракас.

Во меѓувреме, продолжува да расте и бројот на жртвите од катастрофата. Претседателот на Националното собрание, Хорхе Родригез, соопшти дека досега загинале најмалку 188 лица, додека 1.520 се повредени.

Двата силни земјотреси со магнитуда од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала ја погодија карипската област на Венецуела во интервал од само 39 секунди. Американскиот центар за предупредување од цунами соопшти дека станува збор за редок сеизмички феномен познат како „сеизмички дублет“, при кој два силни потреси се случуваат речиси истовремено на исто подрачје.

Според првичните проценки, оштетени се најмалку 346 објекти, меѓу кои станбени згради, болници и трговски центри, додека спасувачките екипи и натаму трагаат по преживеани под урнатините.

Пронајдете не на следниве мрежи: