Вештици

Си седел татко една вечер под еден трем од една воденица во време кај пет и пол саатот и си пиел тутун.
Времето било в мај месец и месечината била зајдена тогај пред пет декики.
Како што си се мислел нешто и се пулел удолу в поле, видел еден огон од едно село колку три саати скраја, што беше се задал да оди по еден пат што идел право кај воденицата.
Co прво огнот то видел колку една силна ѕвезда, и колку приближувал кај него толку се ширел и најпосле се сторил колку една месечина кога да е полна.
Отвори се, чинело, на тркало како големата месечина и пак се затворало пак на тркало, ама се правело мало колку една педа и тогај одело како да лета ветар и право идело на татка.
„Де море ал де, беше си рекол сам со себе, што ќе чини ал сега, кај ќе се бега од оваа вештица ѓаволска.”
Беше чул татко ми оти во тоа село сите баби, што беа умреле, беше се извештичавиле, та од тоа беше се уплашил, сторил ниет да бега некаде.
Веднаш не му се вдало, ами беше го извадил пиштолот и беше го навртил во вештицата цраво како што идела во него, уште за колку десет чекори да му дојде кај татка.
Имало јаз што течело вода, до јазот имало една топола и туку беше кршнала вештицата од правиот пат и во тополата се удрил огнот, та беше се изронил сиот како искри од некој ковачки оџак, кога да се креваат наугоре и да паѓаат долу.
Така искрите фр, фр, фр, и попаднале на коренот и толку, беше си загинала вештицата и татко куртулисал.
„Зер биле собрани ѓаволите на тополата што ја повасале вештицата и ја парчелисаа, ми велеше татко и се изрона”.
Чекал саноќ да излезе или да мрдне, ништо немало, и така не заспал саноќ, дури се раздени сосе пиштолот в рака гледал кај коренот од тополата.
„Ете вакви стравови сум видел, бре синко, јас ми рече, да ти пак неверуј оти има вештици и вапири.”

МАРКО ЦЕПЕНКОВ

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.