(ВИДЕО) Агелер: Воодушевена сум од најавата на Мицкоски и министрите дека ќе се заколнат со Северна Македонија

Американската амбасадорка Анџела Агелер вели дека е воодушевена и ја поздравува најавата на мандатарот Христијан Мицкоски дека в недела, при заклетвата како нов премиер, а и во настапите во странство, ќе го користи уставното име на земјава. Во интервју за „360 степени“, таа не сака да зборува за ставот на Грција, чиј премиер Кирјакос Мицотакис денеска изјави дека Договорот од Преспа предвидува едно име за севкупна употреба, а не двојна формула, коментирајќи го ставот на Мицкоски дека дома ќе продолжи земјава да ја нарекува Македонија. Интервјуто погледнете го во видеото:

360°: Амбасадорке, ви благодарам за можноста да разговарам со вас. Моето прво е прашање е дали, така да го наречам, политичкото цунами што се случи во Северна Македонија на некаков начин влијае на пристапот на САД кон земјава?

Агелер: „Владо, многу ти благодарам, одлично е да се видиме, ти благодарам за времето одвоено за интервјуто, ти благодарам за доаѓањето во амбасадата за да зборуваме за она што, според мене, е прашање од исклучителна важност за време на, според мое верување, исклучително значаен временски период кој е и пресвртница за земјата. Цунами е добар збор за она што се случи за време на изборите. Многу од нас, повеќето од нас, беа изненадени од резултатите од првиот изборен круг и не познавам никого од оние со кои редовно разговарам, кој предвиде колкава ќе биде победата за тогашната опозициска партија на парламентарните избори. Во секој демократски процес тоа јасно кажува дека граѓаните на земјава, на Северна Македонија, сакаат промени, сакаат поинаку да ги видат работите и тоа многу јасно го кажаа при она што беше историска победа за ВМРО-ДПМНЕ – дека сакаат да променат како земјата се справува со корупцијата, енергијата, економијата и дека сакаат да имаат чувство на надеж. Без оглед на оние што изгубија или имаа прашања за процесот, никој не може да се сомнева дека изборите беа фер и слободни и дека беше многу јасна пораката од граѓаните на земјава за тоа каква иднина сакаат за себе и за своите семејства.“

„Нема законска обрска за ДУИ да биде дел од владата“, вели Агелер во интервјуто за „360 степени“

360°: Да, резултатите беа, во најмала рака, многу интересни. Кое е вашето мислење за одлуката на ВМРО-ДПМНЕ, победничката партија, да стапи во коалиција со „Вреди“, а не со коалицијата предводена од ДУИ? Од ДУИ инсистираат дека со ова се оди против основниот договор меѓу двете најголеми заедници од 2001.

Агелер: „ВМРО-ДПМНЕ го избра партнерот – „Вреди“, која е исто така коалиција, исто како и „Европскиот фронт“ предводен од ДУИ. Сум имала разговори за ова со низа функционери на ДУИ и други и нема законска обврска за тоа со кој ќе стапите во коалиција. Партијата што победи на изборите ја имаше можноста и избра да создаде коалиција со малцински групи во земјата. Тоа е од исклучителна важност зашто она што двете наши земји ги прави толку богати е диверзитетот, различните етнички групи и заедници и она што тие го носат за нашите демократии. Оттука, задоволна сум што владата е составена од различни групи и нема законски обврски за ДУИ да се вклучи во владата. Знам дека има прашање на закон наспроти легитимитет, но факт е дека ВМРО-ДПМНЕ избра партнери од различни заедници во земјата и тоа е нивно право. Избраа тоа да го направат и ќе видиме како ова партнерство ќе функционира.“

360°: Значи, тоа не претпоставува некакво вознемирување, поместување во земјата? 

Агелер: „Според моето искуство во земјава, има многу можности за различни индивидуи и групи, политички партии и лидери да кажат дека имаат несогласувања и дека се загрижени и сето тоа е дел од една „жива“ демократија. Затоа, имајќи го тој разговор, мислам дека е исклучително значајно да има гласови од различни малцински заедници кои зборуваат за важноста од имање свој претставник во заедницата. Среќна сум што гледам дека тој разговор продолжува.“

360°: Кои се вашите главни очекувања од новата влада, од новите власти во Северна Македонија?

Агелер: „Искрено кажано, очекувам од нив, колку што можат побрзо, да ги испорачаат ветувањата кои ги дадоа за време на кампањата. Разбирам дека тоа е тешко, но граѓаните тоа од нив го очекуваат. Оттука, многу е тешко да се премине од водење кампања до владеење и новите министри се уште не положиле заклетва, тоа не го направил ниту идниот премиер, очекуваме тоа да се случи викендов… Очекувам да видам како тие, а така ќе беше за која било влада која ќе дојдеше на власт, дали на реториката од кампањата и дадените ветувања ќе одговорат со конкретни дела. На крајот, како политичка партија и влада ве судат според вашите дела наспроти предизборните ветувања кои, искрено, можат да го покријат целиот спектар на политиката во време на избори.“ 

Амбасадорката на САД ја поздравува одлуката на мандатарот Мицкоски при давањето заклтева да го користи уставното име Република Северна Македонија

360°: Да, кажавте дека граѓаните гласаа за промени, а гледаме и промена на новите власти во односот кон Преспанскиот договор – новата претседателка даде заклетва без да го каже уставното име на земјата, ист наратив имаше и идниот премиер, но сега ја промени позицијата велејќи дека уставното име ќе го користи во странство и за време на заклетвата. Оттука, која е вашата позиција зашто Грција инсистира на тоа дека Преспанскиот договор значи целосна употреба, во сите пригоди, на уставното име Република Северна Македонија, или како што велат – ерга омнес?

Агелер: „Зборувам за САД, ги претставувам САД овде, во Северна Македонија, и не можам да зборам во името на Грците. Ние често разговараме со нив преку нашиот амбасадор во Атина и во Вашингтон. Ќе кажам дека беше разочарување за раководството во Вашингтон кога претседателката реши да не го употреби уставното име на земјава при давањето заклетва и, искрено, тоа што идниот премиер и министри тоа ќе го направат, е нешто што го поздравуваме. Како што разбирам, Деловникот на Собранието е сменет за да се вклучи и тоа (уставното име) и воодушевена сум што тоа го гледам, и сум многу задоволна и го поздравив неговиот јавен настап од пред некоја вечер, во кој тој рече дека ќе го почитува уставното име на земјата при давањето заклетва. Да видиме како ќе се користи, но и ќе ви кажам дека една од работите… Во името на САД, многу се надевам дека тоа ќе се случи претстојниот викенд – уставното име се употребува соодветно кога тој или министерот за надворешни работи и други се во Брисел, или за време на некои од претстојните состаноци и особено за време на јулскиот самит на НАТО во Вашингтон, зашто мојата цел како амбасадор на САД во Северна Македонија е да бидеме во можност да зборуваме за нешта кои нашите две земји ги споделуваат како стратешки приоритети. Повторно, сакам да зборувам за декларираните цели на оваа конкретна влада – борба против корупцијата, раст на економијата, воведување алтернативни извори на енергија, проширување на инфраструктурата и градење подобри односи со соседите. Ова се нивните декларирани цели и секако се во линија со нашите цели. Би сакала да зборувам за тие работи, мислам дека, исто така, тоа и граѓаните на земјава би го поздравиле.“

360°: Но, дали ова ќе биде доволно – употреба на уставното име само во странство и за време на заклетвата од премиерот и министрите, зашто идниот премиер кажа дека за домашна употреба ќе го користи името Македонија. Грчката позиција е многу јасна. Мислите ли дека ова е целосна имплементација на Преспанскиот договор?

Агелер: „Има разлики во Преспанскиот договор – употребата на формалното уставно име и колоквијална употреба. Знам многу правници, од сите страни, кои ова одблиску го разгледуваа… Ние не сме тие што го запишуваат, внимаваат на резултатот, ќе бидам искрена, САД сакаат да се покаже почитување кон Преспанскиот договор како што е предвидено. Како што реков, ја поздравивме одлуката на идниот премиер да го користи уставното име за време на заклетвата, се надеваме дека сите министри ќе го следат тој пример и дека потоа ќе продолжат кон идните важни собири, на кои ќе разговараат за прашања како поддршката за Украина, за економијата на земјава, за енергијата и други важни прашања.“    

360°: Уште едно прашање на оваа тема. Што ќе направат САД, што е позицијата на американската администрација, ако Грција како сојузник во НАТО каже дека употребата на името Македонија во земјата не е во ред. Можеби ова ќе донесе некаква нова блокада од страна на Грците?

Агелер: „Нема да претпоставувам и секако дека не би ги карактеризирала нашите билатерални дискусии со владата на Грција. Тие се длабоко ценет сојузник. Заменик-министерот за надворешни работи и министерот за надворешни работи неодамна беа тука.“

360°: Да. И таа ги изрази нејзините поплаки во врска со спорот за името…

Агелер: „Таа е личност која ја познавам и таа ја познава земјава многу добро и, мислам, ајде да видиме. Сè уште не се случило. Не сакам претпоставки. Ајде да видиме како ќе се одвива ова, да видиме што ќе се случи викендов, да видиме што ќе се случи при разговорите во Брисел и во Вашингтон и потоа да се навратиме.“

360°: Дали мислите дека овие, да ги наречам – искричења, во односите меѓу Атина и Скопје можат целосно да го стават во заднина клучното прашање, за уставни измени и со тоа да се стави ЕУ-агендата во застој? 

Агелер: „Повторно. Хипотетички е. Тоа што јас се надевам е дека со тоа што ќе се обрати, почнувајќи со заклетвата овој викенд, дека тие разговори можат да се случат. Знам дека има размена на ставови меѓу Скопје и Атина и искрено тие се од животна важност. Трговијата меѓу Северна Македонија и Грција се прошири од потпишувањето на Договорот од Преспа. Поддршката која Грција ѝ ја дава на оваа земја во толку многу различни области е од критична важност. Верувам и се надевам дека тоа ќе продолжи да се продлабочува бидејќи, искрено, тоа е во интерес на сите. Се надевам дека тоа и ќе се случи.“

360°: Ја споменавте Украина. Што е со македонската помош за Украина, дали очекувате да продолжи со доаѓањето на новата власт?

Агелер: „Очекувам. И ми пренесоа дека тие ќе го направат тоа. Очекувам да ги водам тие разговори со претстојниот министер за одбрана и други во владата. Од критична важност е… Претседателката беше на конференцијата за помош на Украина и ова очигледно е приоритет за САД и ќе биде едно од најважните прашања на НАТО-самитот во Вашингтон следниот месец.“

360°: Каква е позицијата на САД за номинацијата на Иван Стоилковиќ, политички лидер на партија која е во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и кој е, би рекол, отворено проруски настроен? Предложен е за министер и за вицепремиер.

Агелер: „Немав слушнато за личноста сè додека не слушнав за номинацијата пред некој ден. Никогаш не сум го запознала. Од тогаш, прочитав некои работи кои тој ги кажал. Сметам дека се шокантни и, искрено, за осуда. Но, не гледам шема на дејствување. Се чини дека има долгa серија многу несреќни и навредливи забелешки, изјави и постови. Не ми изгледа дека оваа личност имала позиција на вистински авторитет, да носи одлуки, па затоа не сум во позиција, ние не сме во позиција да дадеме декларативна изјава во врска со тоа како би изгледала неговата позиција и исто така не знам што новата влада ќе дефинира како приоритети за тоа министерство. Бидејќи, тоа се менува секогаш кога има нова влада или нов министер. Но можам да кажам дека ќе набљудуваме одблизу.“

360°: Кога зборуваме за руско влијание, има ли ризик за посилно влијание од Кремљ во Северна Македонија и дали гледате руско присуство, вклучувајќи меѓу некои од владиците на Македонската православна црква?

Агелер: „Тешко е да се дефинира од каде точно доаѓа тој притисок. Но, тој е секако присутен и ние сме сите свесни за тоа. Можеби не е присутен толку тука во Северна Македонија како што е присутен во други држави во регионот. Но, секако сме свесни за тоа и секогаш има можности за поголемо малигно влијание од Русите. Свесни сме и ќе продолжиме да ги споделуваме информациите кои ги имаме во врска со тие напори со идната влада, исто како што го правевме тоа со претходната влада.“

360°: Претстојната влада изјавува дека борбата против корупцијата, организираниот криминал и реформите во правосудството ќе бидат меѓу нивните приоритети. Со оглед на тоа дека корупцијата е широко распространет феномен уште од независноста на земјата, од каде би почнале – од ситната или од високата корупција?

Агелер: „Интересно е бидејќи за нас…“

360°: Бидејќи зборуваме за феномен на култура на живеење.

Агелер: „Вистина е. Како што велиме, системска е. Проникнува низ секој аспект на животот во оваа земја. Вие знаете дека ние, владата на Соединетите Американски Држави, оваа амбасада, имаме инвестирано половина милијарда долари во владеењето на правото и во секторот на државна управа од независноста и продолжуваме да се ангажираме, на сите нивоа во судството и во општеството, бидејќи толку од сето ова е, како што велите, ситна корупција и не се препознава како корупција на ист начин како што се гледа на некои од поголемите случаи. Тоа е реален проблем. Одговорот е тежок. Не знам како оваа влада планира да се справи, дали ќе почне со корупцијата на високо или на ниско ниво, но ние ќе бидеме со нив. На секој можен начин и преку нашите програми ќе помогнеме да се решава прашањето. Бидејќи тоа го сакаат граѓаните на оваа земја. Сакаат да видат дека можат да очекуваат судство кое ги третира сите пред законот еднакво и дека не е поради политичко влијание од која било партија. Така, независно кој пристап ќе го одберат, ќе бидеме тука за да им помогнеме.“

360°: Една од алатките кои ги има американската администрација, кои ги употребува во борбата против корупцијата во Северна Македонија е именувањето луѓе на т.н. „црна листа“. Имаше неколку назначувања во последната година, но не и во последниве неколку месеци. Зошто е тоа така? И дали „црната листа“ е ефикасна алатка? Зборувам за конкретниот случај, тука во земјата.

Агелер: „Прашањето е одлично. Како што имаме објаснето и порано, тоа е прилично долг процес. Се сфаќа многу сериозно, тоа е правен процес на кој ние мораме да се придржуваме. Имам македонски пријатели кои ми кажале, може ли да номинирам некого за вашата „црна листа“, но тоа не функционира така. Штом ќе составиме случај од информации со кои располагаме ние и со кои располага Вашингтон, тој потоа минува низ многу, многу внимателно и многу детално разгледување за да се осигури дека е во согласност со сите правни услови за ние да означиме индивидуа или неколку индивидуи. Значи, не е дека имаме распоред и дека на одреден број месеци го правиме тоа, но можам да ве уверам дека има неколку случаи кои се во Вашингтон и кои се разгледуваат. Немам никакви сознанија кога ќе бидат објавени.“

360°: Но можеме да ги очекуваме?

Агелер: „Тоа е за правниците. Секако ќе има повеќе.“ 

Пронајдете не на следниве мрежи: