Селото Дупјани е спасено, случајно налетавме на огнот кој беше на само стотина метри од првите куќи а во селото и околу него немаше никого, информира директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов.
– Одлучивме наместо кон Галичица полицискиот хеликоптер Ми 171 во кој се наоѓав и јас, да го промени приоритетот поради загрозеност на населено место, и наместо да продолжи со лет кон Галичица, слета неколку километри подалеку, покрај езерото Осломеј, го закачи ведрото, полета, се спушти над езерото, наполни вода во 2,5 тонското ведро, во низок лет за неколку минути стигна над пламените јазици над селото и со прецизен погодок го стопира најблискиот крак од пожарот кој се закануваше на првите куќи.
Ова го пишувам од охридскиот аеродром каде хеликоптерот полни гориво, веднаш потоа полетуваме кон Галичица каде храбрите и пожртвувани полициски пилоти Стефче Ташовски и Дарко Ајтовски со подршка на останатиот храбар и пожртвуван воздухопловен екипаж ќе продолжат со дејство врз овој, за граѓаните вознемирувачки, пожар од кој повремено се слушаат истрели или детонации на неексплодирани минско експлозивни средства останати од војните кои се одвивале на овој простор. – вели Ангелов.