Глобалната мегахит ѕвезда Ед Ширан вчеравечер настапи на загрепскиот Хиподром, а околу 70 илјади фанови дојдоа да го слушаат, објави порталот на ХРТ.
70.000 луѓе на загрепскиот хиподром ги пееја првите редови од песната „Кесл он д хил“. Ед Ширан веќе ја освои сцената уште пред најавениот почеток на концертот во 21 часот. На сцената се појави и пејачот Калум Скот.
Најупорните чекале ред уште пред зори за да ги добијат најдобрите можни места. Конечно влезот бил отворен во 16 часот. Дошле обожаватели од целиот свет, не само од Хрватска.
– Дојдов овде утрово во 4.30 часот. Јас сум всушност на тој влез таму, дојдов тука за да ги поздравам другите фанови. Се разбудив порано и си помислив, „зошто да не дојдам порано“ – изјави Мартин од Обединетото Кралство.
Со оглед на големиот број луѓе на отворен простор, полициски службеници цел ден будно ја следеле состојбата на терен.
Ова е втор концерт во Хрватска по бројот на продадени влезници, а прв концерт во Хрватска на британската музичка ѕвезда. Публиката очекувала спектакл и никој не се разочарал.
Пред настапот на Ширан, новинарка за ХРТ известила дека организацијата е одлична, но истакнала и дека во нејзината 20-годишна кариера никогаш не наишла на толку ригорозни правила кога е во прашање односот со медиумите – само неколку фоторепортери смееле да влезат, а никој не смеел да известува во живо.
По откажаните концерти на Тејлор Свифт во Виена, посебно внимание се посвети на осигурувањето. Од загрепската полиција велат дека ништо не препуштаат на случајноста и дека собирот го обезбедуваат доволен број полицајци, а користат и посебен аудиовизуелен надзор.
Концертот се подготвувал со тест ефекти.
– Мислам дека ќе биде одличен концерт. Дефинитивно ќе биде одлично. Видовме тест ефекти, оган и огномет. Едвај чекаме. Овде сум за концертот, но ќе останам подолго. Ова ми е првпат да отидам во Европа и морам да кажам, да не беше Ед Ширан, никогаш немаше сама да патувам низ светот и да ги сретнам овие прекрасни луѓе – изјави Дарси, обожавателка од Тајван.
Концертот со нетрпение го очекуваа и локалните фанови.
– Очекувам да биде спектакл, ако можам да кажам така, бидејќи многу познати ѕвезди всушност не доаѓаат на нашите места, па на некој начин е за пофалба што Ед Ширан реши да дојде затоа што сите го забораваат Балканот, јас се надевам дека ќе биде добро – возбудено рече обожавателка од Хрватска.