На тајната посета на директорот на ЦИА, Џон Ретклиф, на Москва ѝ претходеле нови американски разузнавачки проценки според кои Кремљ смета дека САД значително ослабнале поради шестмесечната војна со Иран. Според „Вашингтон пост“, Русија во тоа гледа можност за зајакнување на своите активности против американските интереси и европските сојузници.
Деталите од разговорите на Ретклиф со руските претставници остануваат тајна. Сепак, извор запознаен со ситуацијата за „Вашингтон пост“ изјавил дека директорот на ЦИА јасно ја предупредил Москва да не ја засилува војната во Украина, бидејќи таквиот потег би можел да ѝ се врати како бумеранг.
Соговорниците зборувале под услов на анонимност поради исклучителната чувствителност на темата.
Ретклиф во вторникот пристигнал во Москва, што е прва позната посета на директор на ЦИА на Русија од крајот на 2021 година. Тогашниот шеф на американската разузнавачка служба, Вилијам Џ. Барнс, се обиде да го одврати Кремљ од започнување инвазија врз Украина.
Шефот на руската надворешна разузнавачка служба (СВР), Сергеј Наришкин, ги потврдил разговорите со Ретклиф, велејќи дека во нив „нема ништо необично“.
Од Кремљ тврдат дека Ретклиф не се сретнал со рускиот претседател Владимир Путин. ЦИА и Белата куќа одбиле да го коментираат патувањето.
Американскиот претседател Доналд Трамп вчера ги минимизираше стравувањата дека Путин би можел да нареди напад врз американските сојузници во Европа.
„Тој нема да напаѓа територија на НАТО“, изјави Трамп, одбивајќи да шпекулира за вистинската цел на патувањето на Ретклиф.
Доверливата разузнавачка проценка дека Путин ги гледа САД како ослабена сила поради шестмесечната војна со Иран доаѓа по низа извештаи за намалената борбена готовност на американските сили и недостигот од муниција предизвикан од долготрајната воена операција против Техеран.
Американските залихи на клучно оружје се сериозно намалени. Меѓу нив се системите за противвоздушна одбрана „Патриот“, но и напредното офанзивно оружје, како крстосувачките ракети „Томахоук“ и тактичките балистички ракети ATACMS, за кои постои голема побарувачка и на украинското боиште.
„Вашингтон пост“ претходно објави дека САД изгубиле околу една четвртина од своите дронови „Рипер“, чија цена се движи меѓу 30 и 50 милиони долари по летало. Тие се користат за разузнавање и прецизни напади врз цели.
Недостигот од оружје ги загрижи и американските сојузници во Азија, отворајќи прашања за способноста на Вашингтон да одврати потенцијален конфликт со Кина.
Американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет и други претставници на администрацијата јавно негираат дека постои сериозен недостиг на муниција, иако истовремено вршат притисок врз производителите на оружје да го зголемат производството.
Ретклиф во Москва пристигнал во вторникот наутро со воен транспортен авион C-17A, по запирањето во главниот град на Латвија, Рига. На социјалните мрежи се појавија снимки од обезбедувана колона автомобили со дипломатски регистарски таблички како минува низ центарот на Москва.
Според податоците за следење на летовите, американскиот воен авион полетал назад во 17:30 часот, околу осум и пол часа по слетувањето.
Во меѓувреме, борбите на теренот во Украина главно се во пат-позиција, но Москва и Киев изведуваат сè поразорни напади длабоко на територијата на противникот.
Украина ги гаѓа стратешките цели, пред сè руската енергетска инфраструктура и дигиталната трговија, додека Русија продолжува со бомбардирање на станбени згради, индустриски објекти и електрани низ Украина.
Еден од изворите за „Вашингтон пост“ оценил дека патувањето на Ретклиф во Москва „помалку е поврзано со тоа што Путин е притиснат во ќош“ затоа што руската армија не успева да постигне напредок на боиштето, „а повеќе со тоа што Русија проценува дека сме исцрпени и дека не можеме да интервенираме“.
Според истиот извор, шефот на ЦИА им порачал на руските претставници дека поголема ескалација во Украина би можела да го натера Трамп целосно да застане на страната на украинскиот претседател Володимир Зеленски.
Како што војната во Украина влегува во петтата година, Европа се соочува и со сè почести хибридни напади. Меѓу нив е и обидот за напад со дрон врз германскиот аеродром Лајпциг/Хале, за кој повеќе аналитичари и европски влади сметаат дека зад него стои Москва.
Земјите од источното крило на НАТО, особено балтичките држави, предупредуваат дека Путин би можел да го засили притисокот и да започне уште поопасни провокации по зачестените упади на дронови и нарушувања на воздушниот простор.



