(Видео) Трендафилов објави видео од Дафина Стојаноска како дава поддршка на штрајкот на ССМ во 2022 г.

Претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Слободан Трендафилов, на социјалните мрежи сподели видеоснимка од ТВ-прилог на која може да се види и слушне како пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојаноска, дава поддршка на штрајкот што ССМ го организираше во јуни 2022 година, а со кој синдикалците бараа зголемување на платите на вработените во јавниот сектор.

Дафина Стојаноска на протестот на на ССМ пред Собранието во јуни 2022 година / Фото: Принтскрин
Снимката, која е од прилог на ТВ 24 од пред речиси четири години, Трендафилов ја сподели откако се најде во отворен конфликт со пратеничката, што уследи по блокадите што ССМ ги почна оваа недела, со цел да издејствуваат зголемување на минималната плата на 600 евра и покачување на сите плати за 6 000 денари.

По блокадата на ССМ на Собранието во вторникот, пратеничката Стојаноска на социјалните мрежи објави снимка на која се гледа Трендафилов со своите две деца како влегуваат во автомобил. Во описот на видеото таа наведе дека лидерот на ССМ со службено возило извршува приватни обврски.

Во видеото, пак, што го објави Трендафилов може да се слушне дел од обраќањето на Дафина Стојаноска, која и пред четири години беше пратеничка, само во опозиција, во кое ги поддржува барањата на ССМ за покачување на платите во јавниот сектор.

Според амбиентот, Стојаноска тогаш им дава поддршка на синдикалците за време на една од нивните блокади на Собранието во рамките на протестите.

На протестот, покрај Стојаноска, може да се забележи и присуството на нејзините колеги и сопартијци, Бојан Стојаноски и Тони Јаревски.

Во описот на видеото, Трендафилов цитира дел од тогашното обраќање на Стојаноска во кое таа ја критикува владата предводена од СДСМ, велејќи: „Тие се продуценти на кризи, не можат да се справат со кризите и затоа ќе им се случува ова што ќе им се случува“.

Во продолжение е транскриптот од обраќањето на пратеничката до синдикалците за време на еден од протестите во 2022 година.

,,Ветувањата ќе мора еден ден да ги реализираат, тој ден не да доаѓа туку е поминат, нема бегање од тоа, нивна е одговорноста, тие се продуценти на кризи, не можат да се справат со кризите затоа ќе им се случува ова што ќе им се случува и го презедовме целиот тој ризик свесни дека можеби ова наше доаѓање тука ќе го протолкуваат како политизирање на вашиот настан, што апсолутно го демантираме бидејќи ние сме претставници на народот”,

вели Стојаноска во видеото.

Потегот на Трендафилов може да се сфати како обид за споредба на ставот што Стојаноска го имала кон синдикалните протести во 2022 година како опозиционерка и нејзиниот став и потези сега како дел од владејачкото мнозинство во парламентот.

Прегледот на архивите со објави за тогашниот штрајк на ССМ потсетува и на средби што тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги имала со претставници на раководството на Сојузот на синдикатите.

Едната средба е од 9 јуни 2022 година на покана на тогашниот, а и сегашен координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, а на која покрај Бојан Стојаноски е присутна и Дафина Стојаноска.

На средбата од претставниците на ССМ е присутен актуелниот претседател на организацијата Слободан Трендафилов.

Другата средба е од 20 јуни кога поранешниот претседател на ССМ, покојниот Дарко Димовски се сретнал со претседателот на тогашниот состав на собраниската Комисија за финансирање и буџет, Бојан Стојановски. На состанокот на кој, според фотографиите, е присутна и Дафина Стојаноска, се разговарало за разгледување на амандманот на ССМ за зголемување на платите во јавниот сектор.

Амандманот, според соопштението објавено тогаш од ССМ, до Собранието бил поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имавме предвид дека е потребно амандманот да биде доставен до Собранието согласно Деловникот за да може да биде прифатен од страна на пратениците и поради тоа очекуваме сите пратеници да го поддржат амандманот на ССМ кој е чисто работнички и од егзистенцијално значење, а согласно процедурите доставен од пратениците од ВМРО-ДПМНЕ до Собранието, пред се поради тоа што соработката претставниците на работниците и претставниците на народот што претставува значајна алка за унапредување на работничките права и во иднина треба да биде пракса за надминување на сите предизвици“,

се наведува во соопштението од ССМ тогаш.

Што се однесува до актуелните случувања, Трендафилов по објавувањето на снимката од Стојаноска, побара од Министерството за внатрешни работи и од Јавното обвинителство да поведат постапка против пратеничката бидејќи, како што наведе, Стојаноска му ги објавила малолетните деца за да можат сите да ги оцрнуваат и на таков начин да го уценуваат.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ возвратија дека Трендафилов сака да се претстави како жртва на политички прогон, поради, како што наведоа од партијата, фијаското на протестите на ССМ пред Собранието. Оттаму му порачаа на првиот синдикалец ако смета дека му е загрозена приватноста, да пријави во институциите.

Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, го искритикува претседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) обвинувајќи го дека недолично реагирал на објавеното видео од пратеничката и побара од Трендафилов да се извини.

Мицкоски рече дека во видеото на Стојаноска внимателно се третирани малолетните лица.

Во однос на актуелните протести на ССМ, ставот на премиерот и на ВМРО-ДПМНЕ е дека тие се политички мотивирани.

Пронајдете не на следниве мрежи: