Најмасовните протести досега, 35-ти по ред, се одржаа во саботата во Тирана, токму на 62. роденден на албанскиот премиер Еди Рама. Десетици илјади граѓани излегоа на улиците барајќи да се запре изградбата на луксузен туристички комплекс поврзан со семејството на американскиот претседател Доналд Трамп, но и оставка од Рама, кого го обвинуваат за корупција и нетранспарентност.
Протестите почнаа кон крајот на мај како еколошка иницијатива против изградбата на комплексот во заштитеното подрачје Звернец, во југозападна Албанија. Проектот е поврзан со Иванка Трамп и нејзиниот сопруг Џаред Кушнер, а демонстрантите предупредуваат дека ќе предизвика непоправлива штета врз чувствителниот екосистем на крајбрежната лагуна. Во меѓувреме, движењето прерасна во масовен антивладин протест.
– Она што почна како ‘револуција на розовите фламинга’, сега прерасна во широко народно незадоволство. Недостигот од транспарентност, ароганцијата – доста е! Премиерот мора да си замине – изјави демонстрантката Алкета Адеми за агенцијата АФП.
Илјадници демонстранти маршираа низ центарот на Тирана носејќи големи розови фламинга – симбол на движењето, како и транспаренти со пораки „Албанија не е на продажба“ и „Укинете го законот за заштитени подрачја“. Една група носеше и голема бетонска торта, алудирајќи истовремено на роденденот на Рама и на, како што велат, „бетонирањето“ на природните богатства. Демонстрантите поставија и биста на премиерот, која потоа симболично ја урнаа со јаже, потсетувајќи на уривањето на споменикот на Енвер Хоџа во 1991 година.
Дел од протестот подоцна се префрли пред полициска станица каде што се задржани демонстранти уапсени за време на претходните судири. Насобраните извикуваа „Ослободете ги децата“, по што дојде до нови тензии. Според извештаите, демонстранти искршиле прозорци на станицата, а полицијата употребила солзавец и водени топови за да ја растера толпата.
Албанскиот хелсиншки комитет изрази загриженост поради ескалацијата на насилството, оценувајќи дека поединечни инциденти не можат да бидат оправдување за несразмерна употреба на сила и побара независна истрага за полициското постапување.
Движењето, кое медиумите веќе го нарекуваат „Револуција на розовите фламинга“, доби име по преселните птици што живеат во заштитеното подрачје каде што е планиран туристичкиот комплекс вреден околу 4,6 милијарди долари. Противниците на проектот предупредуваат дека властите ги игнорираат предупредувањата на јавноста и продолжуваат со подготовките за изградба и покрај сè поголемиот отпор.
Движењето го доби името „Револуција на розовите фламинга“, по преселните птици што минуваат низ заштитеното подрачје каде што е планирана изградбата на туристичкиот комплекс.
Демонстрантите предупредуваат дека луксузниот хотелски комплекс, чија вредност се проценува на 4,6 милијарди американски долари (околу 4,02 милијарди евра), а треба да биде изграден во заштитено подрачје на Јадранското Море, сериозно го загрозува кревкиот екосистем на соседната лагуна.
Од друга страна, инвеститорите планираат ненаселениот остров Сазан, поранешна воена база од времето на комунистичкиот режим, да го претворат во ексклузивна туристичка дестинација. Проектот наиде на силен отпор уште од неговото прво претставување во 2024 година.
Најновиот бран протести избувна откако кон крајот на мај на блиските плажи беа поставени бодликава жица и беше донесена тешка градежна механизација, што кај јавноста создаде впечаток дека нивните забелешки се игнорираат и дека изградбата ќе продолжи и покрај силното противење.



