Владата забрани собирање на повеќе од 5 лица во група, како и одење на Водно од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден

Владата забрани собирање на повеќе од 5 лица во група, како и одење на Водно од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден

Еве ги мерките од последната седница која што се одржа доцна вечерва.

Владата на Република Северна Македонија, на седницата одржана на 19 март 2020 година, го разгледа и го усвои Записникот од Четвртиот состанок на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19, одржан на 19 март 2020 година.

Истовремено, согласно предлозите изнесени во расправата на седницата, ги усвои следниве заклучоци:

1. Се забранува пристап на лица и возила во Парк шума „Водно“, секој ден, во период од 18:00 часот до 6:00 часот наредниот ден.

За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи, со патролни возила да го затвори пристапот кон Парк шума „Водно“.

2. Се забранува собирање во група на повеќе од пет лица, во паркови и на други јавни места и јавни површини.

За оваа цел, се задолжуваат Министерството за внатрешни работи и Армијата на Република Северна Македонија да ги разбиваат овие групи и да ги интензивираат теренските контроли.

3. Се забранува одржување на наставата и спроведувањето на обуките и испитите во испитните центри од страна на школите за обука за возачи, за период од 14 дена.

За оваа цел, се задолжува Министерството за внатрешни работи доколку е потребно ова правно да го нормира во Уредба со законска сила.

Согласно ова, Владата донесе Одлука за изменување и дополнување на Одлуката за мерки за спречување на внесување и ширење на Коронавирус COVID-19.

4. Се препорачува на сите работодавачи во Република Северна Македонија, односно секое раководно лице на институцијата, во зависност од типот на работата и можностите, да ја организира работата и начинот на работа на вработените лица, преку работа од дома, без да се наруши редовното и нормалното функционирање на институцијата.

Исклучок од оваа мерка се вработените лица во Министерството за внатрешни работи, Министерството за здравство, Министерството за одбрана, Армијата на Република Северна Македонија, противпожарните територијални единици, Царинската управа, како и домовите за нега на стари лица и мали групни домови.

Согласно ова, Владата на Република Северна Македонија, на седниците на Владата и работните тела на Владата да разгледува само материјали поврзани со постоењето на вонредна состојба на територијата на Република Северна Македонија.

5. Сите маркети, аптеки, банки и објекти кои даваат поштенски услуги, задолжително да обезбедат редарска служба при влез и во внатрешноста во овие објекти, со цел да се контролира влезот и бројот на лица во истите, така што ќе се обезбеди минимум потребното растојание од два метри помеѓу лицата пред и во објектите.

6. Се задолжува Министерството за внатрешни работи да ги интензивира контролите во приватните куќи и вили во кои се организираат забави и собири (во општина Сопиште и  во населеното место Соње), со цел да се преземат мерки за спречување на ваквите собири, а кон сопственикот на објектот и присутните лица затечени во објектите да се преземат соодветни законски мерки заради непочитување на мерките и препораките на Владата.

ПРОЧИТАЈТЕ НА ТЕМАТА УШТЕ И ОВА:

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.