ВЛЕН со критики за амбасадорот на Албанија – го обвинуваат за дневна политика, Меидани вели дека политиките се државни

Често се среќаваат и средбите ги нарекуваат пријателски. По средбите пишуваат дека разговарале за актуелни прашања, односите меѓу двете држави и европската интеграција!

Но, покрај тоа, лидерите на ВЛЕН очигледно се загрижени дека амбасадорот на Албанија, Денион Меидани, се меша во внатрешно-политичките прашања на Македонија. Тоа го кажуваат и јавно.

Кога истиот ден Меидани се сретна со Али Ахмети, Азир Алиу и Биљал Касами, последниот откри дека во рамки на ВЛЕН имало критики, бидејќи средбата била видена како обид за нивно приближување.

– Јас не можам да одбијам средба со амбасадор на една држава, во овој случај најмалку со амбасадорот на Албанија, без разлика на улогата што во одредени моменти се обидува да ја преземе на политичката сцена, нешто што му го кажав и на средбата и во повеќе наврати – дека треба да ја претставува албанската држава и да ги штити правата на Албанците согласно Уставот, а не да се вклучува во овие партиско-политички дебати кај нас, изјави Биљал Касами, претседател на движењето БЕСА/ВЛЕН,

Според Касами, се создава впечаток дека амбасадорот во одредени моменти лизга кон партиска или политичка идеја, што не би требало да биде така. На иста линија е и Изет Меџити.

– Ја сакаме Албанија и кога владата на Албанија е на ниво на дневна политика и зазема страна, ја зазема страната на другиот, ние повторно ја сакаме Албанија, изјави Изет Меџити, претседател на Демократско движење ВЛЕН.

На ова Меидани одговори преку Фејсбук:

– Ние не правиме дневна, туку државна политика. Се согласуваме само кога сме на иста линија за гарантирање на правата, почитување на меѓународните договори и за чекорење рамо до рамо кон Европа, напиша Меидани.

Амбасадата на Албанија ја појасни и изјавата на Касами, кој рече дека на средбата Меидани му го пренел барањето на Ахмети за средба. Во појаснувањето се наведува дека тоа било направено по барање на претседателот на Албанија во пресрет на неговата посета, со цел да се организира средба во Собранието со претседателите на албанските парламентарни партии.

-Станува збор за целосно институционална постапка, во согласност со дипломатскиот протокол и вообичаената практика за организирање средби на високо ниво. Секое друго толкување што на овој процес му припишува мотиви или цели различни од официјалните е неосновано. Амбасадата останува посветена на институционалната коректност, транспарентноста и почитта кон сите страни, напиша Меидани.

Ставовите на ВЛЕН кон амбасадорот ги коментираа и интегративците. Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, напиша дека координираниот напад врз Меидани од страна на „преферираните Албанци на Мицкоски“ во Владата, дошол во момент кога албанскиот амбасадор почнал отворено да зборува за антиалбанските политики на оваа влада.

– Истите луѓе кои не видоа никаков проблем кога го прифатија Стоилковиќ како заменик-премиер, фигура што е продолжена рака на Белград и Бања Лука, денес имаат проблем со еден албански амбасадор кој не молчи, изјави потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи.

И во претходни случаи амбасадорот на Албанија бил критикуван од експоненти или лица блиски до коалицијата ВЛЕН, поради заземање ставови во корист на опозициската ДУИ.

Пронајдете не на следниве мрежи: