ВМРО-ДПМНЕ бара одговорност од Филипче за скандалот со Онкологија – тој не чувствува вина

ВМРО-ДПМНЕ повторно го повика лидерот на СДСМ, Венко Филипче, да преземе политичка и морална одговорност за скандалот на Клиниката за онкологија. Партијата обвинува дека во неговиот мандат како министер за здравство се случиле најтешките злоупотреби во здравствениот систем, при што, на тешко болни пациенти наместо терапија им биле давани физиолошки раствори.

„Филипче молчи, а со тоа практично ја прифаќа вината. Дали тој стои зад судскиот случај во кој од Буџетот се одлеале 35 милиони евра?“ – прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ и повикуваат Јавното обвинителство да ја истражи неговата улога.

Од друга страна, Филипче ги отфрли обвинувањата, изјавувајќи дека не чувствува никаква вина за случајот.

Инаку, Обвинителството досега поднесе две обвиненија до Кривичниот суд, кои се однесуваат на злоупотреби на Клиниката во периодот 2018–2022. Обвинети се поранешни директори, а делата се поврзани со злоупотреба на службена положба, измама и проневера во вредност од 2,2 милијарди денари. Засега, Венко Филипче не е опфатен со овие обвиненија.

Пронајдете не на следниве мрежи: