ВМРО-ДПМНЕ избира кандидат за претседател

ВМРО-ДПМНЕ денеска на конвенција во Струга ќе избира партиски кандидат за претседател на државата за претстојните избори што ќе се одржат на 21 април, годинава.
Вкупно 551 делегат ќе избираат меѓу деветмината кандидати, кои се пријавија на партискиот конкурс. Во изборот за претседателската кандидатура ќе се натпреваруваат Гордана Силјаноска Давкова, Влатко Ѓорчев, Филип Петровски, Горан Ангелов, Илија Димовски, Сашо Култешовски, Никита Шекутовска, Васко Костов и Ѓорѓи Манасков. Кандидатите ќе имаат по 15 минути можност да ја претстават својата визија пред делегатите, а потоа предвидено е да се премине на гласање.
За избран кандидат, според деловникот на партијата, се смета оној кој добил најмногу гласови, но не помалку од една третина од вкупниот број делегати. Доколку ниту еден од кандидатите не го добие потребниот број или кандидатите добијат ист број гласови, гласањето се повторува. Во повтореното гласање учествуваат двајцата кандидати, кои добиле најмногу гласови на првото гласање, при што за избран ќе се смета кандидатот кој добил најмногу гласови на повтореното гласање.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.