Колона студенти од белградските факултети, придружени од граѓани денеска протестираа во Белград.
Студентите од Нови Сад организираат протест во поддршка на српските матуранти во средните училишта во Косово, а граѓани, студенти и професори во Крагуевац се собираат под слоганот „Струката со студентите“.
Под слоганот „Внимавајте кого избирате“, маршот започна од плоштадот Славија, каде што и завршува. Колоната помина покрај неколку институции, згради на министерства, Генералштабот, Владата… Студенти и граѓани поминуваа и покрај факултети по должината на рутата, од каде, како што се приближуваше колоната, беа истакнати транспаренти со прашања упатени до државните функционери и институции. На фасадата на Машинскиот факултет беа истакнати два транспарента: „Хаварија во ЕПС! Кој е виновен?“ и „Фабрика за оружје Крушик. Кој е виновен?“. Пред Машинскиот факултет, демонстрантите скандираа „Рио Тинто марш надвор од Србија“ и „Нема да копате“.



