Зголемениот внес на сол во телото е значаен фактор на опасност за развој на атеросклероза, дури и кај луѓе со нормален крвен притисок, посочува ново истражување спроведено во Шведска.
Солта е штетна и пред развој на висок крвен притисок, вели написот објавен во интернет-журналот „Јуропијан харт“ (European Heart Journal Open). Испитувањата опфатиле 10.788 испитаници на возраст меѓу 50 и 64 години. По заклучоците, научниците велат дека зголемениот внос на сол преку храната го зголемува ризикот од развој на атеросклеротични лезии во коронарните и каротидните артерии, дури и кај луѓе со нормален крвен притисок и без претходно познати срцеви заболувања, објасни главниот автор на истражувањата, д-р Јонас Вуопио од Институтот Каролинска и предавач на Универзитетот во Упсала.
– Ретко кој обрнува внимание на врската меѓу промените во артериската калцификација и врската меѓу појавата на атеросклеротични наслаги и вносот на сол. Со оглед на тоа што ги имавме овие ексклузивни податоци од претходните истражувања, ги искористивме за да ги комплетираме претходните сознанија, вели Вуопио.
Научниците потсетуваат дека дневниот внос на сол, како што е препорачан и од СЗО, не треба да надминува една кафена лажичка дневно. Зголемувањето на крвниот притисок поради вносот на натриум, дури и под нивото коешто ја дефинира артериската хипертензија, е важен фактор во односот меѓу вносот на сол и атеросклеротичниот процес.
– Со оглед на тоа што забележавме поврзаност кај луѓе со нормален крвен притисок, едно од можните објаснувања за ваквите наоди е дека штетните патолошки процеси почнуваат уште пред да се развие хипертензија. Истражувањата што ги спроведовме потврдуваат дека вишокот сол не е добра работа, но фактот дека е поврзан и со развој на атеросклероза, дури и во отсуство на хипертензија, за нас беше мало изненадување, изјави д-р Вуопио.
Исто така, се препорачува крвниот притисок да се одржува на помалку од 120/80, бидејќи веќе при крвен притисок од над 117/75, опасноста од развој на атеросклероза значително се зголемува.