Војнеска: од 150 натпреварувачи на првенството за младинци атлетичарката Ислами собори државен рекорд

Над 150 натпреварувачи вчера земаа учество на Националното првенство за младинци во атлетика кое се одржа на националната арена „Тодор Проески“. На првенството бележиме нов успех, атлетичарката Дрита Ислами после три години постигна нов државен рекорд на 400 метри со пречки со резултат од 58.66 и тоа претставува најдобар резултат постигнат за оваа сезона по IAAF бодови, истакна Александра Војнеска Зикова, претседателка на АФМ.

– Уште еден успешен настан на Федерацијата. Ме радува тоа што се пријавија над 150 натпреварувачи што ни дава мотив да работиме посветено и да се стремиме кон промовирање нови генерации на се подобри атлетичари. Оваа година исто така беше дозволен настап на сениори со оглед на тоа дека ни престојат многу меѓународни натпревари, факт е дека е олимписка година и треба да избереме кој од Атлетската Федерација ќе не претставува на Олимпијада во Токио, појаснува претседателката Војнеска Зикова.

Атлетичарката Дрита Ислами среќна е што успеала после три години да го собори истиот рекорд што го имала претходно.

– Можам да кажам дека сум пресреќна бидејќи се вратив после повредата, поточно сега сум многу појака а тоа ме израдува, можам да трчам здрава и се надевам дека следните трки ќе бидат уште по успешни од оваа. Мојата цел за оваа година е да бидам прва на Европското тимско првенство кое ќе се одржи во Кипар, трета лига. Ќе трчам на многу дисциплини но секако приоритет ќе ми биде на 400 метри со пречки, вели атлетичарката Ислами.

Минатата недела Атлетската федерација на Македонија го организираше Купот на Македонија за сениори/ки на кој најзабележителен настап имал атлетичарот Јован Стојоски со најдобар резултат по IAAF таблица, и освои први места во дисциплините на 100 метри, 200 и на 400 метри. Атлетичарката Дрита Ислами освоила четири први места на 100 и 400 метри со пречки, 200 и 400 метри, која е единствената атлетичарка која има први места. Имале нов државен рекорд истрчан од Дарио Ивановски на 10.000 метри – 30.04,66, кој настапил и во дисциплината на 5.000 метри каде го освоил првото место. Атлетичарот Андреас Трајковски, скок во далечина 7 51 настапи вон конкуренција поради добивање на македонско државјанство така што сево ова претставува само продолжение на тоа што се случувало во атлетската федерација.

2020 година поради пандемијата имаше паузи во однос на меѓународните натпревари бидејќи голем дел од спортските настани, вклучувајќи ја и Олимпијадата беа одложени за оваа година.

– Што се однесува за календарот од минатата година, како Федерација бевме единствените кои што во услови на пандемија со посебни протоколи успеавме да го реализираме цел план и календар. Во моментов се подготвуваме за Европско и е наменето за млади сениори до 23 години, исто така имаме европско тимско првенство во Кипар кое што треба да се одржи во Јуни на кое ќе настапи тим од нашата федерација и секако финале на сезоната за годинава е Олимпијада во Токио, додава Војнеска Зикова.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.