„Ви благодариме, пријатели! Горда Србија и Српска. Ние не сме геноциден народ“ – пораката која била проектирана на кулата „Белград“
На кулата „Белград“ во главниот град на Србија вечерва во знак на благодарност биле испишани имињата на државите кои не гласаа за Резолуцијата за Сребреница во Генералното собрание на Обединетите нации, пренесе Танјуг.
„Ви благодариме, пријатели! Горда Србија и Српска. Ние не сме геноциден народ“, е пораката која била проектирана на кулата „Белград“.
Генералното собрание на ОН ја усвои Резолуцијата во четвртокот со 84 гласа за, 19 против и 68 воздржани гласови.
Со усвојувањето на Резолуцијата, 11 јули е прогласен за Меѓународен ден на сеќавање и комеморација на геноцидот извршен во Сребреница во 1995 година, кој ќе се слави секоја година.
Резолуцијата ја предложија Германија и Руанда. Текстот потоа беше спонзориран од уште 34 земји, вклучувајќи ги сите поранешни југословенски републики меѓу кои и Северна Македонија, освен Србија и Црна Гора.
Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека е погоден од гласањето на Резолуцијата за Сребреница од Северна Македонија во Генералното собрание на Обединетите нации (ГС ОН) бидејќи, како што рече, „најмногу инвестирал“ во односите со нашата земја.