Процената на бројот загинати во експлозијата кој одекна во средата навечер по локално време во фабриката за вештачко земјоделско ѓубриво во гратчето Вест во американската сојузна држава Тексас се движи од пет до 15 лица, соопшти во четвртокот на прес-конференција портпаролот на локалната полиција Вилијам Патрик Свантон.
Тројца или четворица пожарникари кои дошле да интервенираат по експлозијата и натаму се водат како исчезнати. Според полицискиот портпарол Вилијам Патрик Свантон, потрагата по евентуални жртви продолжува.
Локалните власти соопштија дека во болниците во близина на местото на експлозијата се примени повеќе од 100 лица, но дека бројот на смртно настраданите би можел да биде поголем бидејќи сé уште трае пребарувањето на теренот.
Смртоносната експлозија ја срамни со земјата фабриката за вештачко ѓубриво во гратчето недалеку од Вако во Тексас, повредувајќи стотина луѓе и оштетувајќи исто толку домови и други објекти, вклучувајќи ги и локалното училиште и домот за стари лица. Првите процени говореа за 60 до 70 загинати, но тие не се официјално потврдени.
Според телевизиската мрежа CNN, припадници на полицијата и пожарникарската служба изнесуваат настрадани од објекти, но нивната бројка е непозната. Се наведува дека меѓу загинатите можно е да има и полицајци и пожарникари коишто дошле да се справата со пожарот. Според податоците на телевизијата, уште не е официјално потврдена информацијата за загинување на две медицински лица.
Спасувачките екипи продолжуваат да ги истражуваат причините и последиците од оваа голема индустриска несреќа. Полицијата е склона причината да ја припише на случајно предизвикан оган, односно поради хемиски процес, но пред завршувањето на истрагата криминалната верзија дека пожарот е можеби подметнат не е исклучена.
Силниот пожар се одигра во фабриката во гратчето Вест, 130 километри јужно од тексашкиот центар Далас. Според локалните медиуми, по пожарот следела силна експлозија којашто била почувствувана на оддалеченост од 25 километри.
Според првичните сознанија бројката загинати во моментов се проценува до 15 луѓе, и уште 160 повредени.
Макфакс
Процената на бројот загинати во експлозијата кој одекна во средата навечер по локално време во фабриката за вештачко з



