Во кој град е најскапо кафето во МАКЕДОНИЈА?

Традиционално градот Охрид има повисоки цени во угостителските објекти за разлика од другите туристички центри, па така и кафето во Охрид е најскапо.

Од 90 до 150 денари обично се движат цените на кафињата во овој град, но на некои локации има и повисоки цени. Ако еспресото е 90 денари, за нес кафе ќе треба да одвоите 150 денари. Во едно од охридските кафулиња рекоа дека пред две седмици ги зголемиле цените за 10 денари.

Соседната Струга е доста поевтина и таму кафето во најголем дел од кафулињата ќе ве чини до 100 денари. Еспресо ќе најдете за 50 денари, макијато за 60, нес кафе за 70 или 100 денари.

„Ние не ги покачуваме често цените или ако ги коригираме, тоа го правиме еднаш во годината и толку, затоа што во Струга доаѓаат луѓе кои се емотивно врзани за градот, кои потекнуваат од тука и преку лето доаѓаат да ги посетат своите. Има многу стружани кои се враќаат од странство и тие не се класични туристи“, велат од струшко кафуле.

Дојран, кој е попатна станица за многу Срби, но и место каде одмораат многу македонски туристи, исто така има пристапни цени. Контактиравме кафулиња во градот и оттаму одговорија дека има кафиња по цени од 50, 60, 70 денари. Сепак на некои места тие се и над 100 денари, но ако се решите да пиете турско кафе, истото чини 40 денари.

Беровчани се фалат дека се туристички град со ниски цени. Кај нив кафето чини 50, 60 или 70 денари. Нес кафето е најскапо, а еспресото најевтино. Угостителите велат дека цените се исти како претходните години.

Во Крушево велат дека цените ги покачиле во последните две години, но тие и натаму се пристапни за џебот на македонските граѓани.

„Кафињата се со цена од 50, 60, 70 денари и веќе две години не се поскапени“, велат од кафуле во Крушево.

Оние кои ќе се упатат кон Ресен и Преспа, таму еспресото и макијатото чинат 50 или 60 денари, а нес кафето е 70 или 80 денари. Во помалите туристички градови, угостителите велат дека се труделе цените да бидат пристапни за домашните туристи кои се нивни најчести посетители, но и за локалното население.

Пронајдете не на следниве мрежи: