Во кој период ќе има вакцинација без закажан термин

Работното време на вакциналните пунктови во градовите е објавено на вратите на здравствените установи. Во Скопје без закажан термин вакцинацијата ќе се врши во четири поликлиники, од кои три ќе работат по 12 часа на ден (од 7:30 до 19:30 часот)
Од утре почнува и теренската вакцинација што значи дека мобилни здравствени тимови ќе одат во селата и руралните места за да го вакцинираат населението. На граѓаните ќе им биде потребен само важечки документ за идентификација
За да се вакцинирате против ковид-19 доволна е само желба и со себе да понесете важечки документ за лична идентификација за да може здравствените работници да го запишат вашите податоци и да ве внесат во системот „Мој термин“.
Со ваква порака излезе Министерството за здравство во пресрет на најавеното вакцинирање без закажан термин кое стартува од утре.
Оттаму информираат дека граѓаните кои немаат закажано термин, првата доза на вакцина ќе може да ја примаат во пунктовите во здравствените домови, болниците или поликлиниките каде и досега се вршеше вакцинацијата. Во Скопје граѓаните ќе може да се вакцинираат во четири поликлиники.
„Вакциналните пунктови во јавните здравствени установи, ќе имаат работно време, кое е објавено на вратите од здравствените установи. Во Скопје вакцинирање без закажан термин, ќе има во поликлиниките ’Јане Сандански‘, ’Букурешт‘ и ’Чаир‘, кои ќе работат од 7:30 до 19:30 часот. Од утре ќе се отвори и нов вакцинален пункт во поликлиниката во Шуто Оризари кој ќе работи од 7:30 до 14:30 часот“,потенцираат од Министерството за здравство.


Во спортските сали нема да се вакцинираат граѓани кои немаат термин, таму ќе се врши масовна ревакцинација на оние кои веќе примиле прва доза.
Од утре почнува и теренската вакцинација што значи дека мобилни здравствени тимови ќе одат во селата и руралните места за да го вакцинираат населението. На граѓаните ќе им биде потребен само важечки документ за идентификација.
„Процесот за теренска вакцинација е организиран, здравствените домови од секој град, во соработка со локалната самоуправа, месните заедници со помош на локални медиуми, плакати, ги информираат граѓаните за денот и часот, во кое село, населба, рурално населено место ќе се врши вакцинација. Секој граѓанин кој сака да се вакцинира со себе треба да има важечки документ за идентификација“,
велат од Министерството за здравство.
Здравствените власти ги повикуваат граѓаните масовно да се вакцинираат бидејќи сите вакцини се безбедни и ефикасни – спречуваат тешки симптоми или смрт и порачуваат дека единствен начин да заврши оваа пандемија е што помасовна вакцинација.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.