Во Македонија од Ирак стигна и индискиот сој на коронавирусот

Од Ирак во Македонија – индискиот сој на ковод-19 од вчера е и во Македонија. Мутацијата е откриена кај пациент кој е хоспитализиран во приватна болница. Лекарите велат дека токму индискиот сој на вирусот најмногу ги загрижува затоа што е двоен мутант. Министерот за здравство на Македонија Венко Филипче вели дека според искуствата од регионот индискиот сој не би требало да ја влоши епидемиолошката состојба во земјава, но здравствените власти будно ќе ја следат состојбата.
Лицето кое се вратило од Ирак веќе 10 дена бил болен. Тој по пристигнувањето во земјата со санитетско возило веднаш бил транспортиран на болничко лекување, информираат од Министерството за здравство.
Индиската варијанта на вирусот е за речиси 40 проценти позаразна од британската. Масовната вакцинација може да спречи повторна експанзија на вирусот, но експертите предупредуваат дека тоа не значи граѓаните да се опуштат.
Лицата кои се вакцинирани со две дози имаат делумен имунитет и од овој сој и според некои студии дури 80 проценти од нив ќе бидат заштитени од потешки форми.
Во Македонија епидемијата сѐ повеќе стивнува. За една седмица бројот на новозразени паднал за 30 отсто, а бројот на починати се намалил за 46 проценти.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.