Во маркетите и месарниците засилени контроли пред велигденските празници

Како што соопштија од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) кај операторите со храна во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на храна во пресрет на велигденските празници и зголемената побарувачка на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи ќе има засилени контроли. Опфатени се маркетите, угостителските објекти, специјализираните продавници за јајца, како и месарниците и зелените пазари.
Ќе се проверува дали и колку операторите со храна ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на храната што се однесуваат на нејзино чување, одржување на ладниот синџир во транспортот и прометот, како и тоа дали означувањето на храната е во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за информации поврзани со храната.
Ќе се вршат контроли на безбедноста на бојата за јајца што се продава во регистрираните објекти за продажба на храна и на зелените пазари, ќе бидат контролирани производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, соопштија од Агенцијата. Инспекциските служби од Агенцијата ќе вршат проверка дали боите за јајца ги исполнуваат одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитивите што се употребуваат во производството на храна.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да купуваат храна, вклучително и јајца и бои за јајца исклучиво од регистрирани производители/увозници, што е соодветно означена или декларирана. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, вклучително и на производството и трговијата со јајца и боја за јајца граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, соопштија од АХВ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.