Викендов во паркот во скопската населба Методија Андонов Ченто осамнаа три скулптури на праисториски животни во природна големина. Изработени се од отпадно железо и се дело на академскиот скулптор Андреј Миневски. Изложбата насловена „Од граѓаните за градот“ ќе биде поставена во наредните 30 денови, а ова е само уште еден доказ дека кога човек има визија, креативност и желба за работа од ништо може да направи нешто.
Академскиот скулптор Миневски е роден во Скопје во 1992. година. Средно образование завршил во училиштето за уметност и дизајн „Лазар Личеноски” во Скопје, за во 2013. година да дипломира на Факултетот за ликовни уметности на отсекот вајарство во класата на професорот Исмет Рамиќевиќ. Иако Миневски изработува скулптура од различни видови материјали, во металот го гледа сопствениот уметнички израз и креативност. Ова е негова втора самостојна изложба на скулптури од отпадно железо, а учествувал на повеќе групни изложби и колонии во земјава и надвор од неа.