САД: Во снежната бура животот го изгубија 17 лица

Се очекува од ниските температури во САД да бидат погодени 200 милиони луѓе

Во снежната бура што ги зафати Соединетите Американски Држави (САД) загинаа најмалку 17 луѓе во несреќи предизвикани од временските услови, а над 1,7 милиони домови и деловни објекти останаа без струја, соопштија американските медиуми и Националната метеоролошка служба (NWS).

НВС објави дека студените ветрови што доаѓаат од Арктикот, кои зафатија околу две третини од земјата, ќе продолжат да имаат значително влијание врз централните и источните делови на земјата на крајот од неделата.

Најмалку 17 лица загинаа, а многу други се повредени во сообраќајни несреќи, додека властите предупредија дека видливоста е намалена на нула поради снежната бура, а налетите на ветерот во одредени области достигнаа брзина од 115 километри на час.

Според веб-страницата „Power Outage“ за следење на прекините на електрична енергија, над 1,7 милиони домови и деловни објекти низ целата земја и понатаму се без струја, а властите предупредија дека може да бидат потребни денови за да се врати снабдувањето.

Се очекува од ниските температури во САД да бидат погодени 200 милиони луѓе.

Вонредна состојба е прогласена во неколку сојузни држави, меѓу кои се Њујорк, Вирџинија, Кентаки, Џорџија, Северна Каролина и Оклахома, а американскиот претседател Џо Бајден ги повика граѓаните да внимаваат на предупредувањата.

Веб-страницата за следење на летови „FlightAware“ објави дека повеќе од 8.000 летови се откажани, а над 25.000 летови се одложени за божиќните и пред новогодишните празници.

– Бура што се случува еднаш во генерација –

На 21 декември во САД националните и локалните метеоролошки агенции предупредија на екстремни студени и снежни временски услови што може да се видат „еднаш во генерација“.

Националната океанска и атмосферска администрација (NOAA) објави дека во некои делови од земјата претстојат студени временски услови какви што не биле доживеани во последните 40 години.

Освен тоа, исто така беше објавено дека бурата ќе биде еквивалентна на притисокот на ураган од трета категорија во регионот на Големите Езера со канадската граница.

Поради невремето, приземјата на некои болници и деловни објекти на крајбрежјето на Њу Џерси беа поплавени од водите на излеаната река Хадсон, а многу возила беа оштетени од поплавите.

Предизвикана е штета и на крајбрежните области на Квинс и Бруклин од надојдените води на океанот, додека брановите предизвикани од силните ветрови оставија некои улици и живеалишта покрај крајбрежјето вон функција.

Што е циклонска бомба – невремето што ги замрзна САД?

Циклонска бомба или циклон-бомба е термин што се користи за невреме што брзо се засилува, при што доаѓа до ненадеен пад на воздушниот притисок – најмалку 24 милибари за 24 часа. Покрај многу ниските, понекогаш екстремни температури, циклонските бомби носат и силни ветрови и бури.

„Овие интензивни бури со себе носат обилни врнежи и многу силни ветрови. Во моментов во САД пристигнува многу студен арктички воздух, а студеното време предизвикува дополнителни компликации. Ненадејната промена на притисокот се должи на интеракцијата со силниот млазен поток“, изјави метеорологот за Sky News и водителката Кирсти Мекејб.

Зошто тоа име?

„Тоа е брза струја на воздух високо во атмосферата што ги придвижува површинските системи со низок притисок. Контрастот помеѓу студениот арктички воздух на север и топлиот тропски воздух на југ го зајакна млазниот поток, што пак ја зголемува површината на низок притисок“, додаде метеорологот.

Метеоролозите го споредија ненадејниот пад на притисокот со експлозија на бомба, користејќи термини како „бомбогенеза“ за да го опишат процесот на формирање на бура. Терминот првенствено се однесува на брзината со која се формира невремето, а не на силата на самиот систем.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.