Вработените од прилепски „Еурокомпозит“ утре пред Влада

Вработените во прилепската фабрика „Еурокомпозит“ бараат гаранција за исплата на отпремнините, пари за плата и работа, а за утре најавуваат протест пред Владата во Скопје.
Информирани се за пакетот за технолошки вишок што Владата го подготвува за 130-ина вработени, но прашуваат од каде ќе се најдат пари кога фабриката е во крајно незавидна ситуација, со неплатени долгови за струја заради што три недели им е исклучена, без работа и без плата.
Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација на „Еурокомпозит“ најавува дека вработените утре ќе протестираат во Скопје пред Владата.
– Денеска сакавме да одиме во Скопје пред Владата, но се воздржавме и најверојатно од утре ќе протестираме. Овде се собравме зашто немаме земено плата, струјата се уште не ни е пуштена. На вработените им е речено да седат дома и да чекаат повик. Најавата за пакетот технолошки вишок наидува на скептичност кај вработените, зашто нема пари за отпремнините што следуваат – седум просечни плати или три и пол републички плати. Дел се согасуваат само да си заминат, но најголемиот дел не прифаќаат без да добијат отпремнини и да го остварат законското право. А пари нема ниту фабриката, ниту пак од Владата. Со намера сме утре да протестираме пред Владата, вели Богданоски.
Вчера, при престојот во Прилеп вицепремиерот, Кочо Анѓушев најави дека до 30 септември ќе се изготви пакетот за технолошки вишок и вработените што ќе заминат законски да си го оствараат тоа право. Од 1 октомври ќе почне предстечајната реорганизација за потоа инвеститор да ја преземе фабриката, да се работи и состојбите да се нормализираат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.