Жените жртви на семејно насилство не се само бројка, затоа сите заедно, треба да делуваме и да ги поддржиме да се чуе нивниот глас, нивните потреби, нивните приказни.
– Секоја година 1.500 македонки се ново-евидентирани жртви на семејно насилство. Време е гласно и свесно да говориме за македонските жени жртви да не трпат насилство. Како женски бренд ја поддржуваме Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, и ги покануваме останатите компании да се вклучат и со тоа да покажеме единство за тоа колку е важно да се елиминира насилството врз жените, велат од македонскиот бренд Ла Дама.
Тие порачуваат дека Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември е само еден, а сите ние треба 365 дена јавно да зборуваме и да дадеме поддршка на сите жени кои се соочиле со било какво насилство, да не трпат, туку да побараат помош.
– Северна Македонија во 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција и со тоа се задолжи да ги заштити жените од родово базирано насилство и семејно насилство, да им обезбеди услуги за помош и поддршка, и целосно да го унапреди системот на заштита преку нови и унапредени законски решенија, како и активности за превенција и подигнување на јавната свест против насилството. Благодариме на Ла Дама која со донација ја поддржува нашата борба против насилството и треба да е пример за другите компании да се вклучат, потсетуваат од Националната мрежа.
Тие посочуваат дека на почетокот на оваа година се усвои и нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, која ја дава законската основа за сеопфатна заштита, помош и поддршка на жените кои се справуваат со насилство.
Со цел обезбедување специјализирана помош и поддршка за жени и деца жртви на насилство, Националната мрежа отвора 2 советувалишта, од кои едно во Скопје и едно во Тетово, каде ќе се обезбедуваат услуги од социјален работник, психолог/психотерапевт, правна советничка и кариерна советничка.
-Услугите се бесплатни и доверливи, советувалиштата се пристапни за жени и деца со физичка попреченост, а во Тетово тимот обезбедува услуги на македонски и албански јазик, истакнуваат од Националната мрежа.
Жените кои имаат потреба од ваква помош може да се јават секој работен ден од 08.00- 16.00 на следниве броеви: Скопје: 075/255-154 (Психосоцијално советување) и 075/304-802 (Правна помош); Тетово: 075/344 770 (Психосоцијално советување) и 075/344 760 (Правна помош и поддршка).
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.