Втората најбогата фамилија во Италија сака да го купи Интер

Последниве неколку дена низ италијанските медиуми сѐ поактуелна е веста дека калчолигашот Интер ќе добие нов сопственик, а станува збор за група на луѓе на чело со богатата фамилија Дел Векио.

Предводени од Клаудио Дел Векио, син на Леонардо Дел Векио, основачот на италијанскиот конгломерат за очила Luxottica, според изворите од Чизмата се наострени да го преземат раководењето со Интер, односно да ги откупат акциите од мнозинскиот сопственик Стивен Чан.
Семејството Дел Векио преку бренот за облека Brooks Brothers веќе беше дел од клубот кога оваа компанија ги облекуваше фудбалерите и персоналот на „Нераѕурите“. Богатството на оваа фамилија се проценува на 27,3 милијарди евра и според тоа е втора по тежина во Италија, веднаш зад семејството Фереро, кое го држи светскиот чоколаден гигант Ferrero.

И не само тоа, изворите говорат дека покрај фамилијата Дел Векио во групата која треба да биде нов сопственик се уште две познати имиња, кои веќе биле дел од клубот. Едниот е Марко Тронкети Провера, првиот човек на гигантот за автомобилски гуми Pirelli, кој од 1995 до 2021 беше главен спонзор токму на Интер, чии дресови беа препознатливи по рекламата Pirelli на средината. Вториот е Валентина Пелегрини, ќерката на Ернесто Пелегрини, поранешен сопственик на Интер од кого во 1995 година Масимо Морати го купи клубот. Таа сега го води семејниот бизнис Gruppo Pellegrini, компанија која нуди разни услуги на Чизмата и во странство.
Наводно планираат да инвестираат околу 800 милиони евра, а под тоа спаѓа и реновирање на стадионот „Џузепе Меаца“, иако не се исклучува можноста за озградба и на нов сопствен стадион.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.