Вучиќ пред нова победа против разединетата опозиција

Резултатите од истражувањето на агенцијата „Ипсос стратеџик маркетинг“ покажуваат дека Вучиќ ќе освои 60,1 отсто од гласовите, а неговиот главен противкандидат, генералот во пензија Здравко Понош, може да се надева на само 16,4 отсто од гласовите
Претседателот Александар Вучиќ и владејачката Српска напредна партија (СНС) очекуваат уште една од низата победи на претседателските и на парламентарните избори што ќе се одржат в недела. Опозицијата овој пат е само делумно обединета, околу кандидатот за претседател, генералот Здравко Понош.

Анкетите укажуваат дека претседателот Вучиќ повторно ја освоил довербата од мнозинството граѓани. Резултатите од истражувањето на агенцијата „Ипсос стратеџик маркетинг“ покажува дека Вучиќ ќе освои 60,1 отсто од гласовите, а неговиот главен противкандидат, генералот во пензија Здравко Понош, може да се надева на само 16,4 отсто од гласовите. Другите шестмина кандидати имаат минимални шанси за успех.
Вучиќ си го постави за предизвик нивото што го посочија анкетите.
– Сега можеби имам најголема трема за изборите од кога било досега. Би бил тажен ако не освојам 60 проценти – изјави Вучиќ.
Судир на генерации
Се очекува изборите да претставуваат судир на генерации. Пензионерите ги поддржуваат политиките на претседателот Александар Вучиќ и неговите напредњаци, го сметаат за „фактор на стабилност“ и за „политичар што ги исполнува своите ветувања“. Меѓу младите е посилно присутна желбата за промена на власта и за давање шанса на опозицијата, предводена од Партијата на слобода и правда (ССП), Демократската партија (ДС) и Народната партија (НС), за да не ја бараат својата иднина во заминување во странство.
– Лидерот Вучиќ сака вечно да биде на власт. Ние мора да го запреме бидејќи иднината ни припаѓа нам, а не на нашите баби и дедовци. Сакам да живеам во општество на еднакви можности, а не во општество во кое треба да познавам некого од владејачката партија за да се вработам. Вучиќ совршено манипулира со нашите постари лица затоа што знае низ што поминале и колку се плашат од војна и од сиромаштија. На нашите баби и дедовци не им е грижа дали Вучиќ е диктатор. Не сакаме постојано да не манипулираат дека ако Вучиќ ја напушти власта, сите ќе умреме – велат за агенцијата „Бизнис њуз јуроп“ студентите Димитрије и Софија од Ниш.
За разлика од младите што сакаат промени, пензионерите му веруваат на претседателот Вучиќ, кој во изминатите години им покажал дека мисли на нив давајќи им помош во лекови или во пари. За младите Срби тие потези на владата се маркетиншки и популистички, но пензионерите имаат поинакво мислење. За српската младина, помошта поради пандемијата на коронавирусот од 100 евра на сите лица од 16 до 30 години е популистички потег, но пензионерите ја прифатија двете „финансиски инјекции“ од по 30 евра.
– Не мора никому да објаснувам зошто ми се допаѓа Вучиќ. Мое право е да го сакам и да гласам за него. Им реков на мојот син и на неговите деца да ме остават на мир и ако не го сторат тоа, ќе престанам да зборувам со нив – изјави 77-годишната пензионерка Славица за агенцијата „БНЕ“.
Јазот помеѓу овие две групи гласачи укажува на тоа дека српското општество е длабоко поделено меѓу оние што сакаат промена наспроти оние што се плашат од неа.
Разединети без шанси
Опозицијата предводена од ССП, ДС и НС, објави снимки на кои се гледаат комбиња и минибуси со босански регистарски таблички паркирани пред полициските станици во Белград. Опозицијата тврди дека со возилата пристигнале луѓе од Република Српска, на кои им се нуди српско државјанство ако гласаат за напредњаците.
За политиколозите, овој потег претставува нова субверзивна тактика на СНС во обид да го продолжи децениското владеење.
И покрај подобреното стратешко планирање на опозицијата, политиколозите ѝ даваат мали шанси за успех, не само поради тоа што власта води валкана кампања, туку и поради разединетоста.
– Главниот проблем на опозицијата е што потекнува од иста партија од минатото и меѓу сегашните лидери постои анимозитет. Тие не само што не настапуваат заедно, туку се напаѓаат едни со други – вели аналитичарот Бобан Стојановиќ.
Главниот опозициски фронт го предводат коалицијата Обединети за Србија, во која се ССП, ДС и НС, потоа десничарската Национална демократска алтернатива, како и движењето на левичарите и зелените Мораме.
Стратегијата е целосно спротивна на онаа на унгарската опозиција, која единствено застана зад заедничкиот кандидат Петер Марки-Зај во обидот за соборување на власта на популистичкиот премиер Виктор Орбан.
Битка и за Белград
Право на глас утре имаат 6,5 милиони граѓани, кои ќе се произнесат за претседател, за пратеници во Народното собрание и за градоначалник на Белград.
Според пропорционалниот систем, се избираат 250 пратеници од Србија како една изборна единица, а прагот за освојување пратеничко место е 3 отсто од гласовите. За партиите на националните малцинства има специјален „природен праг“, кој во зависност од излезноста изнесува помеѓу 12.000 и 16.000 гласови.
Опозицијата има поголеми шанси за успех на изборите за градски власти на Белград. За 110-те места во белградскиот градското собрание се натпреваруваат 12 листи, кои се речиси идентични со оние на националните избори. Кандидат на СНС е Александар Шапиќ, чија партија Спас во мај 2021 година стана дел од владејачката коалиција, а коалицијата Обединета Србија за негов противкандидат го избра конзервативниот академик, 82-годишниот универзитетски професор и дипломат Владета Јанковиќ, кој ѝ припаѓа на таканаречената „белградска салонска десница“.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.