Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во видео-порака објавена на социјалните мрежи, упати апел до граѓаните да останат мирни и да не учествуваат во најавените блокади на главните градови.
„Србија не треба да биде уништена“, порача Вучиќ, оценувајќи дека дел од оние што ги организираат протестите „не ја сакаат Србија“ и дека има и домашни и странски актери кои, според него, сакаат да го нарушат секојдневниот живот на граѓаните.
„Решија да ви го отежнат животот, да ве блокираат да одите на работа, да не се чувствувате слободно во сопствената земја“, рече Вучиќ, истакнувајќи дека ги моли организаторите да се воздржат, бидејќи блокадите се „сериозни кривични дела и спротивни на уставните норми и законите за сообраќајна безбедност“.
Во контекст на најавените блокади, Министерството за внатрешни работи синоќа издаде предупредување дека ќе бидат преземени сите законски мерки за одржување на јавниот ред и мир. Во соопштението се наведува дека против сите учесници во „нелегалните блокади“ ќе бидат поднесени кривични и прекршочни пријави.
Студентските групи, кои ги предводат протестите, вчера преку социјалните мрежи повикаа на целосна блокада на Белград, Нови Сад и Ниш на 4 јули, како одговор на, како што велат, „полициската бруталност“.
Блокадите и протестите траат од 28 јуни, кога студентите побараа оставки и одговорност од властите заради трагедијата при падот на покривот на главната железничка станица во Нови Сад во ноември минатата година, кога загинаа 16 лица.
Од почетокот на протестите, десетици студенти и демонстранти се приведени во полициски акции низ Србија.