Германските власти го идентификуваа осомничениот за диверзијата на гасоводот Северен тек пред две години и по него издадоа потерница, јавуваат германските медиуми.
Како што наведуваат, главниот државен обвинител во Карлсруе распишал потерница по Украинецот Володимир З., специјален нуркач, кој е осомничен дека заедно со уште двајца украински државјани извршил диверзија на двата тека на гасоводот што пренесува руски гас преку Балтичкото Море за западноевропскиот пазар.
Информациите по кои Главното државно обвинителство издаде налог за апсење, како што понатаму пренесуваат медиумите, се темелат на сознанија на странски разузнавачки служби. Украинецот кој е познат како главен осомничен до неодамна живеел во Полска, но моментално не се знае каде се наоѓа.
Во јули 2022 година, тројца осомничени, двајца мажи и една жена, најмиле едрилица во германското пристаниште Росток, која ја користеле за транспортирање експлозиви и опрема до местото на саботажа, недалеку од данскиот остров Борнхолм, како што се претпоставува.
Германските власти одбија да ги коментираат наводите на медиумите, посочувајќи на тековната истрага. Во моментов само Германија води истрага за случајот со саботажа на гасоводот Северен тек. Данска и Шведска ги прекинаа своите истраги.
Гасоводот „Северен тек“ е симбол на зависноста на Германија од рускиот гас и особено поврзаноста на поранешниот канцелар Герхард Шредер со Русија, кој до неодамна беше во одборот на „Северен поток“ и е на удар поради неговите врски со рускиот претседател Владимир Путин.