Германски пратеници против промена на границите

Денес пратеници на германскиот Бундестаг во Приштина изјавија дека Германија го поддржува продолжувањето на косовско-српскиот дијалог за нормализација кој треба да се забрза, но ќе се спротивстави на идејата за промена на границата.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај во својот кабинет денес ги прими пратениците на владејачката Демохристијанска унија (ЦДУ) во германскиот Парламент Петер Бауер и Кристијан Шмит.
Пратеникот Бауер нагласи дека германскиот законодавен дом е против размена на територии меѓу Косово и Србија.
“Разговаравме и за дијалогот, кој ќе го поддржиме и кој се надеваме дека наскоро ќе продолжи. Исто така разговаравме и за прашањето за размена на територии, на што ние се спротивставуваме од секој аспект“, изјави Бауер. Неговиот колега Шмит, пак, нагласи дека идејата за размена на територии би создала нови проблеми, не само за Косово, туку и за регионот.
“Германија има јасен став, ние сме против таа идеја. Не можете да ги решите проблемите кои ги имате со создавање нови проблеми. И тој што навистина мисли дека ќе го реши проблемот со оваа идеја треба да биде многу свесен дека создава нови проблеми не само за Косово, туку и за регионот во целост“, рече Шмит.
По средбата премиерот Харадинај изјави дека на гостите им ја пренел благодарноста за канцеларката Ангела Меркел и германската држава за се она што го прават за Косово и регионот.
“Разговаравме за билатералната соработка Косово-Германија, која бележи прогрес, но во која може да се направи уште многу. Изразив благодарност за Берлинскиот процес, кој му помага на регионот. Изразив благодарност за Меркел и за официјален Берлин за таа иницијатива која се покажа мошне вредна за регионот“, рече Харадинај. Тој, исто така, додаде дека пратениците ја потврдиле поддршката на Бундестагот за Косово.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.