Го поддржуваме Заев во иницијативата за промена на Уставот

Секако дека е жив Договорот од Преспа. И двете страни, и ПЈРМ и Грција, се решени да се борат за тој да стапи во сила, вели портпаролот на грчката Влада и министер без ресор, Димитрис Ѕанакопулос во интервју за грчкото радио „Њуз247”.
Како што јавува дописничката на МИА од Атина, Ѕанакопулос го повтори ставот на грчкото МНР дека резултатот од референдумот е контрадикторен, но додаде дека „ако не греши референдумот имаше поголема излезност, од на пример, излезноста на претседателските избори”.
– Мислам дека е во апсолутно правилна насока иницијативата на господинот Заев, дискусијата да ја пренесе во Собранието и да се обиде да го формира потребното мнозинство за уставната ревизија. Ние тесно ги следиме случувањата, ја поддржуваме иницијативата на господинот Заев, го поддржуваме обидот да го промени Уставот за да може и грчката Влада да го ратификува договорот за да стапи во сила, рече портпаролот на грчката Влада.
Во однос на владиниот коалициски партнер, Панос Каменос, Ѕанакопулос објасни дека не постои причина за загриженост за иднината на Владата.
– Пред неколку дена господинот Каменос се сретна со премиерот и рекоа дека прашањето со договорот од Преспа, во однос на парламентарниот аспект, одново ќе го разгледаат во март, објасни Ѕанакопулос.

 

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.