Денес готвиме заедно со Марија Мирчовска која ќе покаже како да подготвиме домашно младо сирење. Останатите рецепти на Марија можете да ги погледнете во групата Хроно исхрана на Facebook.
Рецепт
ЗА СИРЕЊЕТО
10 лит. Кравјо млеко
6 или повеќе Лимони
2 мал. лажички Химелајска сол
по избор Зачини
ЗА ГРИЛУВАЊЕ
малку Интегрално брашно
малку Вода
Млекото е најдобро да биде домашно, да не е разредувано со вода и да биде полномасно. Од оваа количина излегува од 1 600 гр. до 1 700 гр. младо сирење и истата зависи од густината на самото млеко.
Инструкции за готвење
1 | Подготовка
Млекото го ставаме во поголемо тенџере да се загрее. Откако ќе зоврие, го тргаме на страна и додаваме една мала лажица химелајска или морска сол.
Постепено го додаваме исцедениот сок од лимон и мешаме околу пет минути или се додека млекото не се засири. Количината на лимоните зависи од нивната киселост, па можеби ќе ви бидат потребни 6 или повеќе лимони.
2 | Прецедување
Течноста која се оддели од засиреното млеко ја прецедуваме низ газа или пелена и ја оставаме да се исцеди 5 минути.
Потоа ја одврзуваме газата и додаваме сол и свежи зачини по вкус и убаво промешуваме. Откако ќе ги додадеме зачините, го завиткуваме сирењето во газата и го ставаме во цедалка. Ставете поголема тежина врз сирењето и оставете да се исцеди вишокот течност, најмалку 3 до 4 часа. Најубаво е да одстои една ноќ.
Откако ќе се исцеди, посолуваме одозгора.
3 | Грилување
Парче младо сирење го натопуваме во малку вода и потоа го валкаме во некое од дозволените брашна. Го протресуваме парчето сирење како би го отстраниле вишокот брашно. Го ставаме на загреана грил тава да се запече од двете страни.