Откако денес СДСМ го обвини поранешниот премиер Никола Груевски дека ги троши милијардите во Будипмешта, додека државата ги продава неговите станови на Водно, тој се огласи на социјалната мрежа „Фејсбук.“ Со слика од него во бела дуксерка и долг статус под истата, демантира дека становите кои се запленети не се во негова сопственост.
„И по којзнае кој пат принуден сум да демантирам дека тие станови никогаш не биле мои станови и дека сето тоа е резултат на еден криминален политички мотивиран судски процес во кој целта и мотивите беа политички и лични, произлезени од стравот и омразата на криминалецот и предавникот на македонските национални интереси Зоран Заев“, пишува во неговата објава на „Фејсбук“.
Тој отфрла и тврди дека обвинителството не докажало дека платил за становите, ниту дека биле во негова сопственост, и дека нема никаква директна ниту пак индиректна поврзаност со нив. За Јордан Камчев пак, смета дека бил неправедно обвинет, а подоцна уценет и притиснат да даде изјава против него.
Груевски во објава го спомна и поранешниот премиер Зоран Заев, за кој тврди дека инвестирал проневерени пари во Дубаи, Таџикистан, Швајцарија, Грција и други држави низ светот.
„За жал денес сеуште Зоран Заев инвестирајки ги своите проневерени пари во Дубаи, Таџикистан, Швајцарија, Грција и во други држави низ светот, и повремено одмарајки на луксузната јахта во Грција, сеуште не ги чувствува последиците од своите злодела не само против мене, туку и против Република Македонија и Македонците. Обвинителката Лиле Стефанова поранешната власт пред заминување ја унапреди во државното обвинителство(пандан на врховен суд во судството) каде што е и денес и со тоа ја награди за послушноста во политичкиот прогон кон мене и моите соработници, покрај незаконската награда што обвинителите на СЈО претходно сами си ја беа доделиле со што инкасираа по околу 200 илјади евра поединечно, пари од граѓаните го буџетот на Македонија. Неодамна нејзиното име, заедно со името на нејзината поранешна претпоставена Катица Јанева и обвинителот Рустеми, излезе во медиумите како дел од заговорничка криминална група за изнуда на пари од бизнисменот Томе Главчев од Гевгелија, поранешен сопственик на текстилната фабрика НОЕЛ, кој отворено раскажа во медиумите како бил уценуван за пари во износ од еден милион евра, и за тоа доставил доказ – аудио снимки во обвинителството од кои јасно се слуша како бил уценуван за да не биде гонет од обвинителството, барајќи од него да им плати поткуп од еден милион евра, што тој не го сторил и се соочил со последиците најавени при обидот за изнуда, случај кој сеуште нема разврска“, вели тој.



