Грците со пореална перцепција на прашањето за името

Половина од анкетираните Грци (50%) сметаат дека заемно прифатливо решение за името со севкупна употреба е во служба на грчките интереси, а исто толку (51%) оценуваат дека Грција не може да постигне договор без да биде вклучен термин „Македонија“ во името,  покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата ALCO за грчкиот информативен портал News24/7.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, на прашањето до анкетираните „дали сметаат дека Грција во преговорите би можела да постигне име без зборот Македонија“, 51% одговараат негативно, 31% позитивно, а 18% не знаат или одбиле да одговорат.

Како Грците гледаат на спорот со името

Еден од двајца Грци (50%) смета дека заемно прифатливо име за севкупна употреба подобро би им служело на грчките интереси, наспроти 32% кои го одбрале одговорот дека е подобро да остане непроменет актуелниот статус. Останатите (18%), не знаеле или одбиле да одговорат.

– Важните заклучоци што произлегуваат од резултатите од истражувањето,  покажуваат формирање на реална перцепција во врска со прашањето на поранешната југословенска Република Македонија, бидејќи испитаниците во мнозинство (50%) сметаат дека е во служба на грчките интереси заемно прифатливо решение, а не сегашниот статус (32%), пишува информативниот портал News247.

Анкетата на ALCO за News247, била спроведена од 11 до 16 април, преку телефонски интервјуа, а биле вклучени 1000 испитаници.

Ова е второ истражување во Грција за 48 часа што покажува поразлична слика на јавното мислење во однос на прашањето за името, наспроти анкетите од изминатиот период во кои според резултатите Грците имаа радикални позиции особено во врска со употребата на терминот Македонија.

Како што завчера објави МИА, резултатите на агенцијата Palmos Analysis, во истражувањето за информативниот портал tvxs.gr (во сопственост на европратеникот од СИРИЗА, Стелиос Кулоглу), покажаа дека речиси 6 од 10 Грци се согласуваат со решение со сложено име за севкупна употреба, на македонски јазик, без превод, пропратено со промена на Уставот и прашањата поврзани со иредентизмот, додека пак 71% сметаат заемно прифатливо решение, ерга омнес им оди во прилог на грчките национални интереси.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.