Гулаш е едно од најомилените јадења „на лажица“. За да зготвите вкусен, густ и ароматичен гулаш, покрај доброто парче месо ви треба и соодветна количина на кромид, бидејќи токму тука лежи тајната на густината на гулашот.
Обично се вели дека во гулашот треба да има онолку кромид колку што има и месо!
Освен што треба да внимавате на количината на кромид, секако треба да внимавате и на самиот процес на пржење кромид. Кромидот никако не смее да загори бидејќи тоа ќе му даде горчлива нота на гулашот. Со виното дополнително се нагласуваат аромите, па така можете да користите бело или црвено вино. Виното, освен на аромата, ќе влијае и на самата боја на гулашот, односно со црвеното вино ќе постигнете и потемна боја.
Иако гулашот е изворно унгарско традиционално јадење, добро познато и ширум распространето е и на нашите простори.
Потребни состојки:
– 500 гр. јунешко месо од плешка
– 500 гр. кромид
– 75 гр. концентрат од домати
– 500 мл. вода
– 200 мл. бело или црвено вино
– 250 гр. компири
– половина лажиче ким
– 2-3 ловорови листови
– 2 лажички црвена мелена пиперка
– 50 мл. масло
– сол
Начин на припрема:
1. Исечете го месото на коцки со иста големина, па пропржете го во подлабок сад на добро загреано масло. Извадете го од садот и оставете го на страна.
2. Во истото масло пропржете го ситно исечканиот кромид, околу 6-7 минути додека не омекне, па додајте го месото заедно со кимот и ловоровите листови. Продолжете со пржење, полевајќи го месото со малку вода. Гответе на тивок оган околу 90 минути.
3. Потоа посолете го јадењето, додајте црвена мелена пиперка и концентрат од домати, па додајте го виното и компирот исечкан на коцки и продолжете да готвите 30-40 минути додека компирот не се свари.