Додека државниот врв уверува дека нема директна закана по безбедноста, повеќе од 400 македонски граѓани бараат информации за евакуација од Блискиот Исток. Експертите се поделени околу потребата од седницата на Советот за безбедност, предупредувајќи на можни индиректни безбедносни и економски последици.
Советот за безбедност заседаваше повеќе од два часа зад затворени врати во Вила Водно, во сенка на ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и растечката неизвесност околу можните регионални последици.Претседателката професорски уверува дека се е во ред и стабилна е безбедноста додека во регионот веќе покренуваат низа безбедносни мерки и се утврдуваат од можна ескалација во кој пакет влегува и мигрантски бран, и економски закани со скапа нафта и дилеми како да се извлечат нашите граѓани кои веќе бараат да бидат извлечени од Дубаи и Блискиот исток. НАши ивори од Емиратите и другите држави тврдат дека амбасадите на екс ју држави се вмрежени и на дневна комуникација добиваат инструкции, додека нашите македонски граѓани, освен седете на безбедно и чекајте ,немаат друга информација како ќе се повлечат од ова веќе воено подрачје. Тие добиваат многу повеќе информации од амбасадите во регионот и се надеваат во пакет со нив дека ќе можат да се спасат, и повлечат од веќе ризично воениот регион.
Во меѓувреме малу лаички пораката од државниот врв е јасна: Македонија е стабилна и безбедна. Но, додека институциите уверуваат дека нема директна закана, дел од безбедносната јавност прашува дали реакцијата е навремена и суштинска или е само формална.
По седницата, претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изјави дека состојбата во земјата е под контрола.
– Во моментов нема нестабилност ниту закани по безбедноста во земјата или во регионот. Постојниот систем за рано предупредување обезбедува координација меѓу сите надлежни органи и е многу важен за следење на воените состојби. Институциите ги следат, анализираат и ги координираат состојбите, и затоа оценката за стабилност и безбедност е релевантна – истакна претседателката.
Грција крева безбедносен штит околу американски и израелски потенцијални цели во земјата
Таа нагласи дека процените на ризиците се прават континуирано и дека сите присутни на седницата се обврзале да продолжат со таквата пракса.
– Ние сме во координација и со органите во регионот. Иако НАТО сè уште нема одржано посебна седница за ова прашање, Советот за безбедност заседаваше и регионалните информации ќе бидат споделени. Седницата беше долга поради темелноста на анализите и информациите. Во вакви ситуации се разгледува влијанието не само на безбедноста, туку и на економијата, енергетиката и слично. Надлежните потврдија дека нема проблем со енергетската инфраструктура – интерконекторот со Грција е во функција, а законот обезбедува нафта за 40 до 90 дена, што е исполнето. Имам цврсто уверување, документирано со податоци, дека во моментов нема причина за загриженост – рече Сиљановска-Давкова.
Во фокусот на институциите е и превентивната заштита на чувствителни објекти. Претседателката информираше дека седиштето на Еврејската заедница и Меморијалниот центар на холокаустот во Скопје се под засилена контрола.
– Сè е следено и под заштита, што значи дека нема причина за изненадување – додаде таа.
Сепак, одлуката за свикување на Советот за безбедност отвори и критички тонови во стручната јавност. Универзитетскиот професор по безбедност Оливер Андонов во разговор за „Слободен печат“ вели дека реакцијата е несразмерна.
– Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова не свика Совет за безбедност кога 64 наши деца загинаа во Кочани. И тоа очигледно не ја потресе, а и државата не ја погоди. Но, затоа, пак, претседателката свика Совет за безбедност затоа што САД и Израел извршија напад врз Иран, кој и така се знаеше дека ќе се случи. Ако сакам да бидам малициозен, тогаш ќе кажам дека шефицата на државата свика Совет за безбедност од две причини: да земат дневница и да се каже во јавноста дека нешто се работи. Така што, од тој Совет за безбедност нема никаков ефект за Македонија. Згора на тоа, ние како држава не сме во дометот на ракетите што ги користи Иран и како земја-членка на НАТО сме надвор од домет. Навистина не гледам причина зошто се свика тој Совет за безбедност, особено поради тоа што македонските граѓани по однос на директен напад од страна на Иран можат да бидат мирни. Или можеби Агенцијата за разузнавање има развиена мрежа па успеала до претседателот на државата да достави информации од посебно значење? Значи, навистина како да се шегуваме со граѓаните. Ама тоа е неинтелигентно шегување – објаснува Андонов.
Тој за Слободен печат додава дека потенцијалната закана би можела да биде индиректна.
– Тоа што нас може да нѐ загрози е доколку сме воопшто некаде ставени на мапата на Иран, па на нашата територија да се делува терористички, односно преку исламистички групи со цел да се предизвика несигурност и нестабилност. Во секој случај, македонските граѓани можат слободно да спијат. Нека се засилат контролите на граница за некои луѓе, АНБ нека си поработи на внатрешната сигурност итн. – изјави Андонов.
Колку далеку можат да стигнат иранските ракети?
Во однос на јавната поддршка што министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски ја искажа кон Израел, Андонов вели дека станува збор за декларативна позиција.
– Ние декларативно ја поддржуваме и Украина, но во последните 18 месеци таму немаме ништо испратено. А од друга страна, декларативно е и тоа дека ние нешто ќе придонесеме за заштита на Израел по ударот што им го нанесуваат ракетните системи на Иран. Јасно е дека оваа војна нема да оди предалеку, нема да се употребат нуклеарни средства, ниту ќе се случи некаква ескалација на состојбите во регионот – објасни Андонов.
Поинаква перспектива нуди професорот по безбедност Стефан Буџаковски, кој смета дека директна закана нема, но дека индиректните ефекти не смеат да се игнорираат.
– Во однос на состојбите во државите во регионот, Македонија е крстосница на разузнавачки служби, па не би ме чудело доколку наскоро има нова тура мигранти, екстремисти, предизвикување нови жаришта… па секогаш во вакви ситуации треба да се зајакне контролата. Во секој случај, треба да бидеме повнимателни, поангажирани и да правиме секојдневна анализа на безбедносната состојба усогласена со вкупните безбедносни акции. И тука не е само безбедносниот дел во прашање, туку и економскиот: најверојатно ќе имаме покачување на цените на горивата, а со тоа ќе дојде и покачување на цените на други производи. Тоа само по себе ќе значи дека ќе стане поскап животот, а кај граѓаните ќе се јави уште поголема несигурност. Затоа треба државата континуирано да го следи развојот на целокупните безбедносни, економски, па и воени состојби во светот, во регионот, и во Македонија – објаснува Буџаковски.
Во меѓувреме, повеќе од 400 македонски граѓани побарале информации за евакуација од Блискиот Исток.
Авиокомпаниите масовно откажуваат летови
Од Министерството за надворешни работи соопштија дека се подготвува план за безбедно извлекување на државјаните од Израел, додека за оние во Обединетите Арапски Емирати и Катар засега нема услови за евакуација.
– Согласно податоците добиени од дипломатско-конзуларните претставништва, повеќе од 400 граѓани побарале информации за можноста за евакуација, а околу 30 лица изразиле подготвеност да ја напуштат земјата при прва можност – велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека со сите пријавени лица се одржува редовна комуникација и дека се преземаат подготвителни активности за евентуална асистенција, зависно од развојот на состојбата.
Над 400 македонски граѓани бараат помош за евакуација од Блискиот Исток
Дипломатско-конзуларните претставништва работат во координација со пријателски земји и меѓународни партнери за организирана реализација на евентуална евакуација.
Додека конфликтот меѓу САД, Израел и Иран ја преобликува безбедносната мапа на Блискиот Исток, македонските институции уверуваат дека системот функционира.
Но, прашањето што останува во јавноста е дали превенцијата ќе остане доволна ако кризата се продлабочи или ќе биде потребна и поодлучна акција.


