Дали вакцините можат да влијаат на менструалниот циклус?

Кога станува збор за менструалниот циклус, експертите велат дека нема доволно докази коишто би потврдиле дека вакцинирањето може да предизвика промени во циклусот, но тоа би можело да се поврзе со стресот и реакцијата на пандемијата.
Вакцината против COVID-19 делува различно на половите, па така жените почесто доживуваат непријатни симптоми. Докторите не знаат што точно може да се случи бидејќи врската меѓу COVID-19 и менструалниот циклус е многу малку анализирана. Слабото крвавење или прераната менструација не се тема за истражување, ниту наведеното се смета за нуспојава бидејќи многумина нема да го поврзат циклусот со вакцинацијата.
„Недостигот на информации за оваа поврзаност е голем проблем. Не сум загрижена за последиците поврзани со плодноста или со повторен спонтан абортус бидејќи сето тоа е добро проучено, но нерегуларното крвавење е важна тема“, објаснува гинекологот Џен Гунтер.
Постојат неколку теории кои можат да објаснат што се случува. За почеток, д-р Кели Кулвел, гинеколог од Сан Диего наведува дека стресот е многу важен фактор.
„Вакцината мора да го стави телото во стрес за да произведе антитела, а менструалниот циклус многу зависи од стресот. Тоа може да се случи и со други вакцини, но разликата е во тоа што досега не сме имале масовна вакцинација за која се расправало и на социјалните мрежи“, објаснува Кулвел за Business Insider.
Се смета дека промените како поран циклус или изостанок на истиот е поврзан со одговорот на имунолошкиот систем и влијанието на вакцината на ендометриумот. Можно е улога да имаат и факторите како стрес поради пандемијата и социјалната дистанца.
„Набљудувајќи ги пациентите коишто ми доаѓаат постојано откако трае пандемијата, можам да заклучам дека стресот што го доживуваме оваа година е неверојатен. Тој секако може да влијае на менструалниот циклус бидејќи делува на мозокот којшто го контролира производството на хормони кои го прават циклусот редовен. Дури и ако жените користат контрацепција може да имаат проблеми поради стресот“, објаснува гинекологот Мери Росер.
Тука влијаат и промените како лош сон, недостиг на физичка активност, губење или зголемување на килограми кои исто така влијаат на разни промени во организмот.
Според д-р Росер, не е проблем ако се случат неколку нерегуларни циклуси секоја година, но ако работата не се поправи ни по неколку месеци, важно е да се обратите до лекар.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.