За многу луѓе, газираните пијалоци се брз „попладневен поттик“ и лесен начин за будење, но здравствените експерти предупредуваат дека умереноста е клучна.
Вирална симулација што кружи на социјалните мрежи детално објаснува што се случува со пијалокот од првата голтка – и зошто редовната консумација може да има последици што многумина не ги гледаат веднаш.
Опасност за забите
Според експертите, честото пиење газирани пијалоци често се поврзува со кариес, а во потешки случаи и со губење на забите. Стоматологот Скот Кардал објаснува дека проблемот е комбинацијата од киселост и висока содржина на шеќер.
„Сè што е многу кисело и содржи многу шеќер може да предизвика расипување на забите или кариес. Газираните пијалоци се многу кисели и обично полни со шеќер, кој, под влијание на плакот и бактериите во устата, се претвора во млечна киселина и почнува да ја нагризува забната глеѓ“, рече тој.
Неговиот колега Анкит Пател, исто така, предупредува за уште еден важен фактор – плунката.
„Плунката игра клучна улога во оралното здравје бидејќи помага во неутрализирање на киселината и ги отстранува остатоците од храна и бактериите. Сепак, консумирањето газирани пијалоци може да го намали лачењето на плунка, што го отежнува борбата на устата со штетните бактерии“, објасни тој.
Патот на газираните пијалоци низ телото
Откако ќе испиете газиран пијалок, поради неговите меурчиња и течна состојба, тој многу брзо патува низ хранопроводот и стигнува до желудникот за само неколку секунди.
Во стомакот, се наведува во видеото, фосфорната киселина и кофеинот стимулираат дополнително производство на желудочна киселина, додека големите количини шеќер предизвикуваат ненадеен скок на инсулинот. Поради меурчињата, некои луѓе може да доживеат и непријатни симптоми како што се надуеност и подригнување.
Влијание врз енергијата и крвниот притисок
Кофеинот во пијалокот се апсорбира релативно брзо и влегува во крвотокот во рок од неколку минути по консумирањето. Симулацијата покажува како шеќерите и кофеинот се „излеваат“ во крвотокот, што дава почетно чувство на енергија и будност. Но, многумина кои често посегнуваат по газирани пијалоци знаат дека овој ефект не трае долго – по напливот, честопати има пад на енергијата подоцна во текот на денот.
Во видеото, исто така, се нагласува дека кофеинот може да предизвика краткорочно зголемување на срцевиот ритам и крвниот притисок, за што треба да се биде свесен, се предупредува.
Заклучок од симулацијата
Виралниот клип заклучува дека иако газираните пијалоци нудат брзо зголемување на енергијата, нивното често консумирање може да биде поврзано со голем број непријатни последици, вклучувајќи нестабилност на шеќерот во крвта, горушица, надуеност и прекумерен внес на калории.
Умереноста, велат експертите, останува најдобрата заштита – особено ако газираните пијалоци ви станале секојдневна навика.
The post Дали пиете Кока-Кола секој ден? Симулација покажува што се случува со вашето тело (видео) appeared first on Во Центар.



