Два авиони со млади луѓе еднаш неделно ја напуштаат Македонија, без план да се вратат назад

Станавме главен и одговорен дистрибутер на човечки капитал. Место во кое победуваат „книшките“ пред знаењето, а и не дека остана голем дел од интелектуалната фела за конкуренција. Нередовните примања, малите плати, високите цени за домови, неправичноста, распаднатото здравство, партиските вработувања, се само дел од причините заради кои државата ни останува без млади.  Се соочуваме со сериозни параметри кои ни покажуваат дека оваа држава оди во пропаст, а ние како да стоиме со скрстени раце и чекаме кога ќе дојде крајот.

„Ќе го вратиме достоинството на младите со конкретни политики, квалитетно образование, фер шанси за вработување и можност за успех тука, дома. Ќе создадеме услови младите да не заминуваат, туку да ја гледаат својата иднина во Македонија.“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Зборови ли се зборови, како бисери – лаги нанижани…

Дали и вие кога ја видовте оваа изјава се почуваствувавте полни со оптимизам, надеж и верба за подобро утре?
Да не се лажеме. Овој пораз, ова спознавање на лагата, трчањето по морковот кој никогаш не сме го стигнале е нешто што многупати сме го доживеале, особено младите. 

Само потсетете се на своите искуства. Колку ваши другари и роднини се заминати во туѓина, во прегратките на непознатите патишта. Обидете се уште еднаш на момент да го преживеете оној момент на разделба, на пречекување, секој повик, порака, секое видување на камера од далечина. Ајде да зборуваме за чувствата на најблиските кога ќе речат „и јас ќе си одам“. Можам да ви ги опишам сите среќни и тажни мигови, доживеани преку повик од камера, или пак за пријателствата кои се изгубија некаде меѓу границите, а преку сето тоа да ја придобијам вашата емпатија.

Но, ништо од тоа нема да донесе реален заклучок за она што навистина се случува во нашата држава, дури може и некој да се најде и да рече дека тоа е мое субјективно доживување на ситуацијата. Затоа ќе ја погледнеме и од поинаков агол, ќе направиме една кратка анализа и ќе работиме со јавно достапни информации, за да ја насликаме „вистинската реалност“.

Според податоците на Државниот завод за статистика, за 2023, 2.377 лица се заминати официјално во странство, додека според нето миграција, односно разликата меѓу оние кои доаѓаат и оние кои заминуваат, изнесува 5.597. За 2025 година, официјален конечен број од страна на Државниот завод за статистика не постои, но нето миграцијата за оваа година е 5.645 лица според Worldometer. Нето миграцијата не е директен показател на точните бројки на иселените лица, но покажува дека негативниот тренд на иселување продолжува во нагорна линија.

Во базата на податоци на Макстат, за 2024 година доселени во државава се 512 граѓани, додека отселени се 1.476, со регулиран престој.

Дали можеме да претпоставиме уште колку имаме кои се со нерегулиран престој, па затоа и не се дел од овие податоци?

Доколку ги земеме бројките на запишани деца во прво одделение во учебната 2023/24 во споредба со 2024/25, ќе се соочимее со 396 помалку запишани деца во учебната 2024/25, односно 19.848 деца во 2023/24, а 19.452 во 2024/25.

Ова значи 2,0% пад во бројот на запишани првачиња на годишно ниво.

Ако истите податоци ги побараме за средношколци за истите години, ќе дојдеме до 67.278 ученици запишани на почетокот на 2023/24, a 67.143 во 2024/25.

Намалувањето на бројот на ученици во средно и основно образование е доказ за тренд на опаѓање на бројот на ученици во македонското образование, а со тоа и во македонската држава.

Иако Државниот завод за статистика не располага со официјални бројки за тоа колку македонски студенти студираат надвор од државата, сепак постојат проценки од одредени истражувања кои ни ја даваат приближната слика за тоа, а ние ќе ги вметнеме и нив во нашата мала анализа.

Според истражувања и социјални анализи, околу 6000 македонски студенти се запишани на универзитети во странство. Само во Словенија, во периодот на академската 2023/24 и 2024/25, над 3.100 македонски студенти се запишале на словенечки универзитети.

Приближно 21% од завршените средношколци размислуваат да студираат во странство, што исто така укажува на тенденцијата за сѐ поголем број на млади кои се запишуваат надвор од Македонија.

Истражувањата покажуваат дека 67% од дипломираните студенти не се вратиле во Македонија по завршување на студиите, 48% од магистри и пост-дипломци исто така не се вратиле да работат во државата.
Тие не се официјално евидентирани како работници во странство, но и не се вратиле да работат во Македонија по добивањето на стипендии, што укажува дека ја продолжиле нивната кариера надвор од Македонија.

Во Македонија не постои официјална државна статистика кои ги следи дипломците од Македонија дали работат во странство, но факт е дека голем дел од младите кои студирале надвор, не се враќаат назад во Македонија, особено ако најдат подобри услови за кариера во странство.

Кој си оди е повеќе или еднакво трагично со тоа колку луѓе си одат од нашата држава. Македонија е станата главен и одговорен дистрибутер на човечки капитал. Плодот од школувањето на кадри кое трае и по 25 години во нашата држава, го вкусуваат во Германија, Австрија, Словенија, Чешка, додека тука останува повозрасната популација во изумирање, која го плаќа данокот од каде доаѓаат и парите за самото школување. Што потоа?

Главното прашање по погоре произнесените бројки е едно, зошто трендот за иселување е сѐ поголем и поголем?

И тука можам да дадам одговор кој би влијаел на вашите емоции, па така да добијам симпатии кај вас читателите, но повторно ќе го изберам она што е неопходно, односно соочување со фактите.

Откако ги донесоа фер вработувањата, конкретните политики и шанса за поголеми успеси тука, дома, во Македонија, ред е да ги тргнеме розевите очила и да видиме со што се соочува Граѓанинот, како и секој еден млад човек кој сака да створи нешто кое за жал кај нас веќе е станато луксуз.

Минималната плата во Македонија изнесува 397 евра, односно 24.379 денари, додека синдикалната кошничка за декември 2025 година изнесува 65.492 денари, што е апсолутен показател дека за едно домаќинство да ги покрие основните трошоци за живот му се потребни многу повеќе пари од минималната плата.
Трошоците за нормален живот растат многу побргу од платите, а желбата за попристоен живот се почесто граѓаните ја исполнуваат надвор од државава.

Додека ние се жалиме дека интелектуалците ја напуштаат државата со голем чекор, властите ни ги бришат солзите со шамивче, тешејќи нѐ и тапкајќи нѐ по рамо дека овој пат навистина ќе биде поинаку и дека ќе ни ги вратат заминатите роднини и пријатели кај нас, а паралелно на тоа, истите тие, вработуваат партиски, бркаат партиски, добиваат позиции во име на нејзиното величество – партијата. Со кревање на рамениците: „ако немаш Твој човек, пакувај си се“.

Сведоци бевме на многубројни партиски вработувања изминатава година, јавниот сектор е недостапен за непартиски луѓе. Најдобар и реален показател е драмата која се случи во тетовската болница кадешто месните комитети одлучувале кој да биде примен на работа, а кој не: „Гласај за Нашиот човек, за да те вработиме“.

Ако единствена опција е „книшката“, алтернативата е заминувањето.

Доколку го земеме за пример домувањето, кое е главна и неопходна точка за нормален живот на еден човек, повторно ќе дојдеме до ново разочарување. Според најновите податоци на Народна банка, цените на недвижностите продолжуваат да скокаат. Во четвртиот квартал од минатата година, цените на становите во Скопје поскапеле за неверојатни 25% на годишно ниво. Статистиката покажува континуиран нагорен тренд во текот на целата измината година, при што третиот квартал исто така бележи раст од 25,1% . Стан од 91 м² во општина Центар е продаден за 280.000 евра или 3.000 евра за м². Во Охрид на некои локации покрај езеро и во центар нова градба достигнува и до 3500 евра.

Ајде да пресметаме колку години се потребни за да се исплати стан од 60 метри квадратни во овие услови. Ако просечната цена на еден метар квадратен изнесува 2000 евра, цената на целиот стан би изнесувала 120.000 евра. Со просечна плата од 600 евра, кадешто целата плата, без дополнителни трошоци би се давала за отплаќање на станот тогаш се потребни 16,6 години работа.

Бидејќи тоа е невозможно и потребни се пари за основни животни трошоци, ќе направиме уште една пресметка, каде 200 евра од платата би оделе за храна и сметки, а со останатите 400 би се подмирувал долгот за станот, тогаш се потребни 25 години за да се исплати целата сума за стан од 60 квадратни метри.

Градиме згради во иста брзина со која ги губиме луѓето. Празни станови, а преполни улици од заминувања.

„Многудетното семејство е највисок патриотски чин“ – изјави премиерот Христијан Мицкоски, кој потенцира дека многудетните семејства се клуч за справување со демогрфската криза во Македонија.

Да не беше тажно, можеби и ќе се насмеевме. Освен индикатори за иселувањето од оваа земја, горе наведените се и причина за тоа зошто сѐ помалку млади луѓе се решаваат кон чекор за создавање на семејство. Покрај многуте останати задоцнети исплати во државава, социјални заштити, додатоци, субвенции, секако дека доцнеа и исплаќањата за еднократна парична помош за новороденчиња и родителскиот додаток за трето дете. Која е сигурноста која државата ја дава на еден млад пар, што ќе ги крепи да направат „патриотски чин“ и да ја спасат демографијата во Македонија?

Кога државата не може да биде потпора, младите не градат семејства, туку ги пакуваат куферите.

„Безбедноста не е само статистичка бројка, туку чувство кое го овозможуваат токму полицајците – чувство кога родителите без страв ги пуштаат децата на училиште, кога мајките спокојно се враќаат дома во доцните часови и кога секој граѓанин знае дека државата стои зад него.“ – изјави премиерот Мицкоски.

Иронија. Билтенот на МВР е главен показател за чувството на безбедност кое го овозможуваат полицајците. Сообраќајќи со смртни последици, брзи и неконтролирани возачи, напади, запалени возила, тепачки во училишта, силувања и уцени, убиства. Изгубивме 63 млади животи. За која безбедност премиерот зборува?

Домот е место каде се чувствуваш безбедно и спокојно, оваа држава не е тоа.

Годината ни започна со една интересна изјава, од кој ако не од нашиот премиер Христијан Мицкоски, а гласи:
„Кога се враќав последниот пат од Брисел, на летот од Франкфурт за Скопје, за прв пат се зачудив зошто толку голем авион, Ербас А321, вообичаено на таа линија се обраќа Ербас А319, којшто има 50-60 места помалку. Ми пристапија неколку наши граѓани, реков, сигурно се враќаат поради Божиќните празници и распустот таму. Не, вика, се враќаме засекогаш, повторно дома.“

Да почнеме од делот дека „Визер“ на 15. Ноември 2025 година, започна со целосна промена на флотата на авиони, од А320 во А320Нео, А321Нео и А321XLR, а процесот е планиран да заврши до 2033 година, со што се побива делот дека авиокомпаниите земаат поголеми авиони за да има повеќе место за оние иселеници кои едвај чекаат да дојдат и повторно да живеат во совршено функционалната Македонија.

Според податоците на Европските агенции за авиотранспорт, од Македонија има двојно повеќе летови од, отколку кон Македонија. Или, на секои 100 што доаѓаат на одмор, 200 луѓе заминуваат откако ќе заврши одморот. Оттука произлегува дека, процентот на карти во еден правец до Македонија од светските дестинации е еднаков на 1%.

За тоа колку и за во кој правец се полни овие авиони, може лесно да се дојде до сознание. Во продолжение, доколку сакате да резервирате карта ОД Скопје ДО Дортмунд, тоа е очигледно невозможно, бидејќи картите се расрподадени, односно, капацитетот на овие летови е исполнет.

 

Ако се обидеме да го направиме истото во правец од Дортмунд до Скопје, на фотографијата можете да видите дека има простор и да си одберете седиште на кое би сакале да седите на летот кон Македонија.

Конкретно, летот за Франкфурт кој беше токму на денот на оваа изјава, според официјални податоци на Европските агенции, имаше 189 патници кои дошле во Скопје, а од Скопје кон Франкфурт полетале 230 патници, со капацитет на авионот од 240 седишта.

Еден од показателите за колкав апсурд и бесмислие лежи во изјавите на премиерот се коментарите кои можете да ги најдете под секоја ваква изјава:

Иселениците нема да се вратат ако погласно лажете, младите нема да ги задржите ако посилно ги газите. Лагите и манипулациите не можат да ја надоместат вистинската поддршка, образовните можности, сигурните работни места, пристојните плати, навремените примања, функционалните институции, правна држава која штити, здравство кое лекува. Додека овие столбови не се обноват, иднината младите ќе ја бараат надвор, а државата ќе ни стане музеј на празни ѕидови.

Премиерот конечно кажа една вистина, авиокомпаниите имплементираат нови и поголеми авиони, да, но не за оние кои се враќаат дома, туку за оние кои со спремни куфери заминуваат од Македонија.

Кој е последен, нека го изгасне светлото.

С.М.

Пронајдете не на следниве мрежи: