Две земји од НАТО „на работ на нож“

Грција има право да преземе сите мерки за да ја обезбеди својата одбрана, објави грчкото Министерство за надворешни работи како одговор на изјавите на шефот на турската дипломатија, Хакан Фидан, дека милитаризацијата на грчките острови наводно претставува закана за Турција.

„Опишувањето на одбранбениот штит на грчката територија како закана е не само неосновано, туку и парадоксално, со оглед на тоа што Турција , кршејќи го меѓународното право, продолжува да ја одржува заканата од војна против Грција во случај на остварување на легитимно суверено право“, изјави портпаролот на грчкото Министерство за надворешни работи , Панајотис Јанакулјас, објави „Катимерини“.

Јанакулјас одговори на изјавите на Фидан во врска со „заканата“ што наводно ја претставува милитаризацијата на грчките острови , категорично отфрлајќи ги обвинувањата на Турција за демилитаризација.

„Грција , како и секоја друга земја, ја обезбедува одбраната и безбедноста на целата своја територија. Повторените еднострани обвинувања на Турција во врска со грчките острови во Егејското Море немаат правна основа во меѓународното право и неколку пати се целосно и категорично отфрлени“, нагласи портпаролот на Министерството за надворешни работи.

Јанакулјас нагласи дека Грција ја обликува својата надворешна политика суверено и независно, без влијание на други, отфрлајќи ги обвинувањата за инструментализација на земјата со цел дестабилизација на регионот.

„Грција во пракса докажа дека постојано работи за регионален и меѓународен мир и стабилност, како и дека не претставува закана за никого“, рече тој.

Портпаролот на Министерството, исто така, истакна дека статусот на грчките острови во Источниот Егеј е определен со важечки меѓународни договори и посочи дека Грција, како суверена држава, има право да преземе потребни мерки за да обезбеди можност за остварување на своето неотуѓиво право на легитимна одбрана.

„Грција останува посветена на добрососедските односи и дијалогот, кои, сепак, бараат целосно почитување на меѓународното право и воздржување од закани и неосновани барања“, заклучи портпаролот на Министерството за надворешни работи.

Шефот на турската дипломатија претходно денес изјави дека Турција не сака Грција да стане алатка во рацете на оние кои сакаат да го дестабилизираат регионот и да го турнат во хаос и дека во оваа смисла е потребно да се избегнат недоразбирања.

„Сакаме добрососедски односи. Не смее да има недоразбирања, особено кога станува збор за безбедноста. Двете страни треба да спречат вакви ситуации. Секако, многу сме загрижени за вооружувањето на одредени острови“, рече тој, објави Хуриет.

Фидан додаде дека вооружувањето на островите што имаат демилитаризиран статус е закана за Турција.
The post Две земји од НАТО „на работ на нож“ appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: