Денеска почнува вакцинирањето на пријавените деца

Денеска започнува вакцинирањето со „Фајзер“ на децата од 12 до 17 години чии родители/старатели се пријавиле на веб страницата vakcinacija.mk. Според Министерството за здравство, пријавени се околу 1.800 деца. Единствено за нив вакцинирањето е со закажан термин, за возрасните повеќе не е потребно пријавување. Според последните податоци од Министерството за здравство, заклучно со петокот вакцина примиле вкупно 453.773 граѓани, а целосно имунизирани односно со двете дози се 272.129. „Вакцинацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Во државата вкупно се аплицирани 725.902 дози вакцини. Граѓаните се вакцинираат без закажан термин, во постоечките вакцинални пунктови низ државата. Процесот на теренска вакцинација се одвива на територија на цела држава, со ротации на медицински екипи во секое село, рурално населено место, населба“, информираше Министерството.
Барем една доза вакцина примиле 58 отсто од населението над 70 години, 55 отсто од повозрасните од 65 години, 51 отсто од населението над 60 години и 41 отсто од тие што се на возраст над 50 години. Министерот за здравство Венко Филипче уште еднаш апелираше граѓаните да се вакцинираат што помасовно за да се надмине епидемијата со вирусот, напомнувајќи дека во Европа и светот веќе се воведуваат ограничувања за невакцинираните граѓани, така што за влез во затворен јавен простор, пристап до угостителски, спортски или други услуги се бара задолжително приложување вакцинален сертификат.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.