Роднина на апостол Павле, Евреин од Евреите што живееја по елинските области. Беше прв од седумте ѓакони коишто светите апостоли ги ракоположија и ги поставија на служба на грижа за сиромасите во Јерусалим. Затоа и го нарекоа архиѓакон. Со силата на својата вера вршеше големи чуда меѓу луѓето. Злобните Евреи се препираа со него, но беа секогаш победувани од неговата мудрост и од силата на Светиот Дух Којшто дејствуваше преку него. Тогаш, посрамени, Евреите свикнати на измами и клевети, го побунија народот и народните старешини против невиниот. Клеветата против Стефан велеше дека хулел на Бога и на Светиот пророк Мојсеј. Брзо најдоа лажни сведоци коишто тоа и го потврдија. Тогаш Стефан застана пред народот и сите видоа дека лицето негово е како лице на ангел. Стефан ги отвори своите усни и ги наброја многуте добрини и чуда Божји извршени од Бога во минатото над народот израилски, но и многубројните злосторства и противења кон Бога од страна на тој народ. Особено ги изобличи за убиството на Господа Христа, нарекувајќи ги предавници и крвници. И додека тие шкрипеа со забите, Стефан погледна и го виде небото отворено и славата Божја. Тоа што го виде тој им го објави на Евреите: „Еве, ги гледам небесата отворени и Синот Човечки кај седи од десната страна на Бога“. Тогаш пакосниците го изведоа надвор од градот и го убија со камења. Телото на светиот Стефан тајно го зеде и го погреба на својот имот Гамалиил, кнез еврејски, а потаен христијанин.