Ден на македонската полиција

Показни вежби со учество на над 600 припадниците на полицијата во Скопје, Охрид и Штип, награди за најдобрите, спомнување и почит за загинатите, ветувања за повисоки плати и реформи, меѓусебни обвинувања меѓу опозициската ВМРО-ДПМНЕ и владејачката СДСМ за односот кон полициските припадници во минатогодишните насилства во Собранието и во кумановско „Диво насеље“…
Сето ова го проследи овогодишното одбележување на Денот на македонската полиција – 7 Мај, во рамки на кое денеска ресорниот министер Оливер Спасовски ќе прими претставници на семејствата на загинатите припадници на македонската полиција и ќе биде положено цвеќе на спомениците на паднатите бранители.
Министерот Спасовски вчера на централната свеченост во Штип рече дека преку реформските процеси МВР ја враќа довербата кај граѓаните, а најави и дека од 1 декември годинава 4.900 полицајци ќе добијат покачување на платата.
Зборувајќи за минатогодишните насилства во Собранието, Спасовски кажа дека извршителите и креаторите не смеат да останат неказнети, а како што рече, особено оние кои ја злоупотребија полицијата и се обидоа да ја свртат против својот народ.
За премиерот Зоран Заев, пак, нова цел е полициските и безбедносните служби да ги достигнат западноевропските професионални служби.
– После сите премрежија и предизвици со кои се соочија службите во Министерството за внатрешни работи (МВР), успеавме да ја вратиме основната функција на оваа служба да биде најцврстиот столб кој ја гарантира државноста, јадро на сигурноста и безбедноста на Република Македонија и во исто време полиција, пријател и заштитник на граѓаните, рече Заев.
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во соопштение обвини дека СДСМ и Владата го девалвираат работењето на полицијата.
– СДСМ ги омаловажуваше полициските службеници, а нивните акции беа исмевани и нивните жртви беа сведувани врз база на детска игра. Ова е вистинскиот однос на СДСМ кон полицијата и нивната улога во обезбедување на безбедноста и сигурноста на граѓаните, оценија од ВМРО-ДПМНЕ.
Во одговор на таквите обвинувања, СДСМ, наведе дека ВМРО-ДПМНЕ е во очај и оти полицијата е пријател и заштитник на граѓаните
– ВМРО-ДПМНЕ 11 години на најбрутален начин ја злоупотребуваше и партизираше полицијата, Министерството за внатрешни работи го претвори во МВРО-ВМРО, а денес како опозиција очајно се обидува да манипулира и си поигрува со чувствителни прашања, сметаат од СДСМ.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.