Крајот на годината е најсоодветен период за сумирање на резултатите во годината во заминување во сите сфери, па и во културата, особено во седмата уметност. Љубителите на филмската уметност се во исчекување да дознаат кои 10 филмови се најдоа на листата на филмови со најмногу остварени приходи од прикажување во киносалите во светски рамки.
Продолжението на „Аватар“ на Џејмс Камерун успеа да се запише на листата на филмови со најголема заработка годинава, и покрај тоа што премиерно е прикажан на 16 декември. Свое место на оваа листа имаат и суперхероите на Марвел, но и два кинески филмови.
1. „Топ Ган: Маверик“ (1,48 милијарди долари)
Продолжението на класикот од 1986 година на Тони Скот наиде на позитивни оценки и критики, а неговиот успех би може да се препише на бројни фактори. Еден од нив е статусот на Том Круз како еден од најпознатите актери од „старата гарда“ кој понатаму ги привлекува гледачите во кината. Тука е фактот дека продолжението е снимено со децении по оригиналот и дека има многуминакои сакаат да ги видат омилените ликови од култното остварување во нови авантури.
Големиот успех на „Маверик“ е во согласност со оценките на публиката и критичарите. Филмот ја надмина „Невозможна мисија“ од 2018 година, поставувајќи го остварувањето на Том Круз со најголема заработка на светскииот „боксофис“.
2. „Аватар: Пат до водата“ (1,1 милијарда долари)
Научнофантастичниот еп „Аватар: Патот на водата“ на Џемјс Камерон успеа да се смести во самиот врв на филмовите кои остварија најголема заработка на билетарниците, иако почна да се прикажува на 16 декември. Филмот заработи над 300 милиони долари на киноблагајните во Америка и 700 милиони долари во светски рамки – со вкупна сума од над 1 милијарда долари, според „Боксофис гуру“ (Box Office Guru).
3. Светот Јура: Надмоќ (1 милијарда долари)
Далеку помали пофалби доби последното продолжение „Светот Јура“, но сепак оствари значителен успех во киносалите.
Содржина на филмот: Четири години по уништувањето на Островот Нублар, диносаурусите сега живеат и ловат меѓу луѓето низ цел свет. Оваа кревка рамнотежа ќе ја реструктуира иднината и ќе одреди, еднаш засекогаш, дали луѓето се сепак на врвот на ланецот на исхрана сега кога ја делат планетата со едни од најстрашните суштества.
4. „Доктор Стрејнџ во мултиверзумот на лудило“ (955 милиони долари)
Меѓу филмовите кои постигнаа успех годинава според популарноста во киносалите е филмот „Доктор Стрејнџ во мултиверзумот на лудило“ во режија на Сем Раими.
Се работи за продолжување на филмот „Доктор Стрејнџ“ и 28. Филм во филмскиот универзум на Марвел, како и прв хорор филм во него. Меѓу актерите кои можат да се видат во ова филмско остварување се Бенедикт Камбербеч, Елизабет Олсен, Рејчел МекАдамс, Бенедикт Вонг.
5. Мињони: Подемот на Гру (939 милиони долари)
Не толку шармантен како претходните делови од оваа франшиза, анимираниот филм „Мињони: Подемот на Гру“ сепак може да ја насмее публиката. Во овој филм ќе ја видиме нераскажаната приказна за едно 12-годишно момче чиј сон е да стане најголемиот негативец на сите времиња.
6. Црн Пантер: „Ваканда засекогаш“ (806 милиони долари)
Филмот кој го „поправи просекот“ на оценките на овогодишните остварувања на Марвел без сомнеж е „Црниот Пантер“, емотивно продолжување на оригиналот, кој е омаж на трагично починатиот актер Чедвик Босман.
Кралицата Рамода, Шури, М`Баку, Окоје и Дора Милаж се борат да го заштитат Кралството Ваканда од надворешни светски моќници, после смртта на нивниот Крал Т`чала. Додека Ваканданците се подготвуваат да го прегрнат новото поглавје на својата земја, хероите мора да останат обединети со помошта на Накиа и Еверет Рос и да постават нов пат за Ваканда и нивната нација.
7. „Бетмен“ (770 милиони долари)
Маскиран осветник како борец против корупцијата. Ова е главната улога во долгоочекуваното остварување „Бетмен“, која му е доверена на Роберт Патисон. Во овој филм тој открива дека и неговото семејство е вмешано во незаконски активности во Готам. Истовремено, тој се соочува со сериски убиец и ја запознава Селина Какл, која треба да стане Жена Мачка.
8. „Тор: Љубов и гром“ (761 милион долари)
Во третиот дел, како што е познато, Тор Одинсон се пензионира, но животот за него има други планови. Во четвртото продолжение неговата идила ја прекинува интергалактичкиот убиец Гор, кој го толкува Кристијан Бејл. За да му се спротивстави на злото, Тор на помош ги повикува своите пријатели Корго, калицата Валкира и поранешната девојка Џејн Фостер. „Љубов и гром“ многумина го сметаат за најлошо остварување на Марвел за оваа година, но со оглед дека е еден од филмовите со најголема заработка во годината во заминување, тоа сигурно не му пречи на големото студио.
9. „Битка на езерото Чангѓин II” (626,5 милиони долари)
Кинеското продолжение на минатогодишниот филм ја одбележа стогодишнината на постоењето на кинеската Комунистичка партија, а се заснова на историската битка во Корејската војна. Филмот е премиерно прикажан на Кинеската нова година и заработи 626 милиони долари во Кина, што го чини единствен филм на оваа листа кој комплетниот износ го заработи на националните кино-билетарници.
10. Човек на Месечината (460 милиони долари)
Научно-фантастичниот кинески филм „Човек на Месечината“ (Moon Man) говори за астронаутот кој по грешка останува на Месечината. Меѓутоа, бидејќи недолго потоа астероид ја уништува Земјата, тој останува последниот човек во вселената. Иако на прв поглед ваквата премиса делува мрачно, сепак, станува збор за комедија